Според пресметките на Европската комисија, ако Македонија е дел од ЕУ, во периодот од 2014 до 2020 година би добила 3,7 милијарди евра помош, додека сега, со новиот Инструмент за предпристапна помош (ИПА-2), ќе и‘ бидат достапни 595 милиони евра во следните седум години, јави МИА.
Oсвен што би добиле 3,7 милијарди евра, како членка на ЕУ, Македонија би морала да уплати средства во буџетот на ЕУ во висина од 739 милиони евра. Според тоа, земјата во следните седум години би имала нето-бенефит од Брисел во висина од 2,3 милијарди евра. Споредено со 595-те милиони евра што ќе ги добие со ИПА-2 фондовите, тоа значи дека земјата за седум години ќе загуби 1,7 милијарди евра директна помош од ЕУ.
Овие податоци велат дека Македонија досега од ИПА последниве години имала на располагање во просек по 85 до 90 милиони евра годишно, со тоа што на почетокот во 2007 година биле достапни 56 милиони евра, а годинава преку 110 милиони евра, но државата не искористила доволно за целиот седумгoдишен период од овие средства, односно само околу третина. Затоа, со новиот ИПА-2 систем за помош од Унијата, Македонија ќе добива по фиксни 85 милиони евра секоја година или вкупно 595 милиони евра.




