Во интерес на Србите е да учествуваат на локалните избори на Косово на 3ти ноември, во спротивно идната Заедница на српските општини ќе биде во состав на некои други, можеби дури и Албанци, изјави српскиот премиер Ивица Дачиќ.
Никогаш не би ги повикале Србите да излезат на изборите кога не би биле статусно неутрални, вели Дачиќ.
Според српскиот премиер никој не може да ја застапува Владата а да води спротивна политика.
„Јас тоа во лице им го реков. Зарем мислите дека државата е толку немоќна и неспособна да дозволи некој да се коцка со неа“, наведе Дачиќ.
Српскиот премиер нагласи дека не очекува претставниците на Србите од северот на Косово да учествуваат на локалните избори на Косово закажани за 3 ноември, но дека тие не се единствените Срби кои живеат таму.
„Политиката која не ја признава реалноста нема шанси за успех. Нема да бидам премиер кој ќе води однапред изгубена војна “, додаде тој.
Тој повторно истакна дека Владата на Србија нема да ги повика на гласање косовските Срби доколку на гласачките ливчиња стои ознака – Република Косово.
Дачиќ потсети дека на 27 август продолжуваат разговорите со косовскиот премиер Хашим Тачи во Брисел, а потоа на 29 август и седницата на Советот за безбедност на ОН во Косово.
Коментирајќи ги написите во медиумите дека во партијата на Дачиќ има внатрешни проблеми, за него тоа е „потполно нереално“.