Во Собранието денеска се одржа јавна расправа по новиот Предлог – закон за Агенцијата за национална безбедност што треба да ја замени досегашната УБК.

Граѓанските организации и експерти по безбедност нагласуваат дека новото законското решение мора да претпри измени за да се спречи можноста од нова злоупотреба на моќта на УБК со неовластено следење и снимање на поединци.

Член 26 од Предлог – Закон за Агенција за национална безбедност

Спорен за нив е членот 26 од Законот со кој се нормира „Следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации со посебни технички уреди и опрема, без посредство на ОТА и операторите“. Во овој член пишува дека „Мерката за следење и снимање на телефонски и други електронски комуникаци,  утврдена со Закон за следење на комуникациите,  може да се спроведе и со помош на посебни технички уреди и опрема кои овозможуваат спроведување на мерката без посредство на ОТА и операторите и дека  оваа мерката може да се примени само кога технички е невозможно следење и снимање  на содржината на комуникацијата без користење на посебните технички уреди и опрема“.

За експертите по безбедност е нејасно зошто тогаш се формираше ОТА – Агенцијата за следење на телефонските комуникации која беше  основана  за да се спречат идни злоупотреби на приватноста на граѓаните, како што беше масовното прислушување од страна на УБК, ако ваква можност и се остава и на новата Агенција.

„Може ли утре директорот на Агенцијата за национална безбедност да користи технички опрема и уреди (на пример беспилотни летала за внесување малициозен софтер во мобилни или други системи) за следење на сите видови комуникации без посредство на ОТА и со тоа да се предизвика ограничување на неповредливоста на приватноста на лицето и домот, собирање и задржување на мета податоци за граѓаните без судски налог.

Законот може да остави сива зона во тајните податоци и следењето на комуникациите, бидејќи некој препознаваат обид да се бајпасира ОТА. Зошто тогаш се формираше ОТА, ако има можности за следење на комуникациите надвор од неа. Или ако се следи на друг начин“ е дилемата која ја отвори доцент Марјан Ѓуроски професор на  Факултетот за безбедност.

Граѓанските организации се загрижени и поради тоа што во Предлог – законот нема заштитни мерки за да се спречат евентуални злоупотреби на УБК. Во членот  26 не се прецизно наведени техничките уреди што може да ги користи УБК што остава простор листата  постојано да се проширува со нови опрема за следење.

Александар Николов
Асоцијација за развојни иницијативи – ЗЕНИТ

„Она што не загрижува е што нема доволно заштитни мерки од можна злоупотреба на УБК. Ова го зборуваме затоа што според некои извештаи не се работи само за техничка опрема, туку има и софтер за ваква намена и е многу тешко да се утврди кој го употребил и за какви цели. Затоа ние бараме да се засилат мерките за заштита од злоупотреба. Тоа може да се направи  ако се воведе норма уредите кои ќе се користат да бидат претходно одборени од надлежната собраниска комисија – ова ќе важи и  за воведување на нови технологии и нова опрема во регистерот на уреди што ќе може да ги користи УБК за  да се направи проценка врз влијанието на приватноста, а во процесот да биде вклучена и  Дирекцијата за заштита на личните податоци. Исто така во Законот треба да се регулира и постоење на т.н. неменлив запис кој ќе биде трага за тоа кој бил следен и со каква цел. Тоа во Законот сега го нема“, изјави за НОВА ТВ Александар Николов од Асоцијација за развојни иницијативи – ЗЕНИТ, кој додава дека одредбата за следење на комуникациите без посредство на ОТА треба да остане, но само со дополнителна контрола.

За пратеникот Павле Богоевски не е спорно што одредени техники и методи на следење на комуникациите не потпаѓаат под ОТА, но се согласува дека мора да се засили контролата.

„ Оперативно техничката агенција е надлежна да врши надѕор врз комуникациите преку следење на телекомуникациската мрежа,односно тој вид на комуникации што беше злоупотребен, но освен ова следење на комуникациите постои следење на комуникациите без приклување на телекомуникациската мрежа. Сепак,  се согласувам дека треба да се размислува на воспоставување на дополнителни контролни механизми со кои би се осигурале дека и ваквото следење на комуникации нема да биде злоупотребено – дали ќе се предвиди задолжително известување од директорот за примена на таа мерка или задолжително постапување од системот на внатрешна контрола во однос на примената на таа мерка се опциите кои се разгледуваат“ рече пратеникот Павле Богоевски за НОВА ТВ.

На дебатата во Собранието присуствуваше и директорот на ОТА Зоран Ангеловски, но не го коментираше новото законско решение за УБК и најави дека забелешките ќе ги достави писмено.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уверуваше дека „никој не може по своја волја да ги користи техничките уреди“ и дека новата Агенција мора да има свои начин на следење на поединци затоа што треба да се грижи за превенција и заштита на Уставот.

„Следењето од страна на ОТА е една, а следењето на новата Агенција за национална безбедност е друга работа и таа се ќе се примени само доколку неможат да се користат системите за прислушување на телефонските комуникации. Ние мора да сме подготвени и за најновите ризици по безбедноста – тероризмот и сајбер криминалот. Нема да не чекаат нас да пишуваме писмо до Јавниот обвинител, до Врховниот суд или да ја превземаме опремата ако ја сместиме во друга инститција. Може да се случи нешто што ќе биде предоцна да се превенира“ рече министерот Спасовски.

Во дебатата во која не учествуваше ниту еден пратеник од ВМРО ДПМНЕ, експертите ја нагласија и големата моќ што со новото законско решние ја добива премиерот кој ќе го предлага новиот директор на Агенцијата за национална безбедност но и ќе раководи со советот за координација – тело кое ќе ги следи безбедносните ризици.

Во новата Агенција ќе се вработуваат кадри од УБК, но нема да има место за сите.

„Нема сите вработени во УБК да преминат во новата Агенција. Ако е така, нема да имаме сериозна реформа, туку само шминка. Неможе да се прават реформи со луѓе кои поради партиски, бизнис или криминални интереси ја злоупотребиле службата“ рече Спасовски.

Ќе се формира посебна комисија за селекција која ќе одлучува кои од кадрите на УБК ќе преминат во новата Агенција. Спасовски ветува дека одлуките ќе се носат „само врз основа на докази за злоупотреби во службата, а не врз основа на претпоставки“.

За незаконско следење на 4.286 телефонски броеви на политичари, новинари, бизнисмени за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а кои биле прислушувани преку три системи за следење на комуникациите во УБК, обвинети се 12 лица во предметот што го отвори СЈО „Таргет – Тврдина“.

Meѓу обвинетите се  поранешната минстерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, поранешните началници во УБК, Никола Бошковски и Горан Грујевски кои побегнаа во Атина и поранешниот шеф на кабинетот на ексдиректорот на УБК, Мијалков, Тони Јакимовски.  Јакимовски, од минатата недела е во притвор и поради сомнение дека проневерил 50 милиони денари заедно со уште тројца поранешни вработени во УБК. Освен за незаконско прислушување, дел од овие обвинети се  обвинети и дека ја уништиле опремата во УБК со која претходно беа прислушувани илјадници граѓани.

Со ваков нарушен систем и имиџ на поранешната УБК, новиот закон треба да ја сведе на минимум можната злоупотреба и да ја врати довербата на граѓаните во институциите. Новиот закон за УБК треба да биде донесен до крајот на март.