Контроверзната одлука на Комисијата за лустрација, врз основа на досието „Темел“ да го лустрира поранешниот министер за внатрешни, Томислав Чокревски и речиси целокупното раководство на полицијата од тој период, според лустраторот Дамјановски кој и се спротистави на вака донесената одлука, ја отвора можноста, пред Комисијата, да одговара и актуелната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Дамјановски тврдеше дека полицијата имала право да го следи тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ со оглед дека во докумeнтите од досието „Темел“ било евидентно дека тие подготвувале насилно уривање на власта и работеле против уставниот поредок на Република Македонија.
Што се однесува до лустрирањето на Чокревски, денешната реакција е дека „Сите инволвирани во случајот „Темел“ – членови на ВМРО- ДПМНЕ во тоа време биле следени поради контакти со странски служби а во координација со амбасади во Македонија и се работи за безбедносни причини во одбрана на политичката и безбедносната стабилност на замјава, при што било неопходно да се преземат соодветни потези од страна на полицијата, изјавуваат за НОВА извори блиски до Чокревски.
– Доколку навистина се отворат досиеата на МВР би се дознала целосната вистина за следењето на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната блиска соработка со странски амбасади и странски разузнавачки служби“, се додава во реакцијата.
Како што дознава НОВА од блиски извори на Томислав Чокревски, кој вчера беше лустриран, ова би бил ставот содржан во реакцијата на Чокревски, поранешниот министер за внатрешни работи во време на Владата на СДСМ од 1995-1998.




