Владимир Данаилов, адвокат на притворениот глумец Кирил Поп Христов – Кили, изјави за НОВА дека поднел барање до Основниот суд за замена на решението за притвор со мерка домашен притвор, со оглед на, како што вели, алармантната здравствена состојба на Поп-Христов, кој мора да се лечи, затоа што секое одложување е опасно. Неговиот живот е загрозен и јас сум загрижен, вели Данаилов.
Данаилов до истражниот судија приложил медицинска документација, која ги покажува сериозните здравствени нарушувања на Поп-Христов: Има туморска лезија со суспект на канцерна алтернација на грбот, со тоа што волуменот на израстокот на грбот е зголемен, што покажува дека туморот прогресирал. Освен тоа, Поп-Христов има хепатит Ц, потечен му е црниот дроб и дополнително има скршеница на раката.
Адвокатот на Поп-Христов додава дека за да се преиначи казната во домашен притвор, потребните услови се исполнети: понуден е пасошот, како гаранција дека не може да дојде до бегство, додека влијание врз сведоците е невозможно, затоа што неговиот брат Владимир е подготвен да дојде во Македонија од Грција. Данаилов вели дека се надева дека судските власти ќе имаат разбирање за тешката здравствена состојба на Кили и дека ќе дозволат домашен притвор, со што ќе му биде овозможена лекарска интервенција.





