Лицата што собираат стари метали и ги продаваат, ќе плаќаат данок. Министерството за финансии подготвува измени на Законот за персоналниот данок на доход, според кои приходот кој го остваруваат лицата од продажба на стари метали, од 2014 година ќе се оданочува со персонален данок на доход, објавува дневниот весник Вест.
Во образложението од Министерството за финансии стои дека измените се потребни, зашто во инспекциските надзори потврдиле дека во секојдневната практика има лица што остваруваат високи приходи од продажба на стари метали во големи количини, а се ослободени од плаќање персоналец. Министерството предлага бришење на точката 21-а од членот 6 од Законот, со која од данок се ослободуваат приходите од продажба на користен цврст отпад, остварени од физичко лице.
“Со оданочувањето и евидентирањето на физичките лица што имаат приходи од продажба на цврст отпад, не само што ќе се зголемат приходите во Буџетот туку и ќе се оневозможи искажувањето на лажни податоци дека одредени лица не остваруваат приходи, а во реалноста ги имаат”, стои во образложението од Министерството за финансии.




