Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард денеска ги повика светските лидери на подобра распределба на богатството за да се одговори на растечкиот популизам во светот.
– Креаторите на политиката мора да бидат промислени и да видат што треба да се направи за да се одговори на нездоволството на јавноста, изјави Лагард на панел дискусијата утрово за тоа како да се спаси средната класа, на вториот ден од престижниот светски економски собир во Давос.
За разлика од неа, во многу попесимистички тон говореше основачот на хеџ фондот Бриџвотерс асосиејтс, Реј Далио, кој изрази реален страв од популизмот, истакнувајќи дека можеби светот е дојден до фаза каде завршува глобализација, а замав земаат провинцијализацијата и национализмот.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во говорот еден ден претходно застана во одбрана на глобализацијата против која како што рече, расте отпорот во западниот свет, најавувајќи поголема улога на Пекинг во светот.
Тој ги повика сите земји да не се враќаат на протекционистичките трговски мерки, бидејќи од трговската војна никој нема да излезе како победник. Неговата изјава дека светот мора да остане посветен на промовирање на слободната трговија и инвестиции, бидејќи протекционистичките мерки се “заклучување во мрачна соба“, се толкува како порака до новиот американски претседател Доналд Трамп кој во неколку наврати најави промена на трговските договори со Кина ни заострување на мерките.
Една од клучните теми на елитниот политички и стопански собир во швајцарското село, е светските влади како клучна цел да го стават зголемувањето на животниот страндард на граѓаните, а не како до сега, само економскиот раст.
Во извештајот објавен пред отворањето на Форумот се оценува дека повеќето земји пропуштаат важни прилики да го подобри економскиот раст и истовремено да се смали нееднаквоста.
Според извештајот на хуманитарната организација Оксфам, пак, неколкумина најбогати луѓе во светот поседуваат колку и половина од човештвото.
– Осуммината најбогати луѓе на светот поседуваат колку и 3,6 милијарди луѓе. Нереално е дека многумина од богаташите и големите компании избегнуваат да плаќаат данок преку даночните раеви. Работниците мора да бидат подобро платени, рече Макс Лоусон од Оксфам.
На Светскиот економски форум кој започна во вторникот и ќе трае до 20 јануари, учествуваа околу 3.000 политички и економски светски лидери. Се проценува дека вкупната цена на обезбедувањето околу Давос е околу 9 милиони швајцарски франци.

