„Без измени во Изборниот законик, без донесување нови закони за политичките партии и потеклото на имотот, сите следни избори, како и да се нарекуваат, ќе бидат само продлабочување на проблемот од кој сѐ потешко ќе се најде излез“, вели Маневски.
Неколку членови на Неформалната дебатна група за општествени и политички прашања при ЦИВИЛ деновиве се произнесоа за политичката состојба во земјата и сигналите што упатуваат на можни предвремени парламентарни избори, односно дали воопшто постојат услови за такво нешто. Дел од учесниците побараа да останат анонимни.
Неодамна, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „набргу ќе има избори“. Само еден ден подоцна, неговата реторика доживеа целосен пресврт. Рече дека годинава нема да има избори. Но веднаш додаде дека 2027 година е опција и дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвено за избори.
Во меѓувреме, владата почна да се „реконструира“ самата од себе. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, преку социјалните мрежи се раздели од ВЛЕН – до вчера коалиција, денес партија – прогласувајќи се за „министер на народот“. Температурата дополнително ја покачи со споделување објава со фотографија од Мицкоски и пораката „наскоро ќе има парламентарни избори“, проследена со заканувачкиот коментар: „Со Фатмир Лимани сакавте војна, сега покажете колку вредите! Наскоро ќе ви овозможам да се покажете.“
Што значи сето тоа за владата, чија реконструкција беше најавена пред половина година – а сѐ уште не се случи – останува отворено прашање. Во меѓувреме, Мицкоски се занимава со гасење на пожарот што самиот го подметна.
Како и да е, темата е од исклучително значење. Токму затоа оваа дебата на ЦИВИЛ претставува обид да се расчисти политичката магла и да се внесе барем малку јасност во јавниот дискурс.
Сурова математичка пресметка за купување време и заштита на капиталот
„Најавата за предвремени парламентарни избори не е политички маневар, туку сурова математичка пресметка за купување време и заштита на капиталот“, вели еден универзитетски професор за медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Тој вели дека „со сигурност можеме да очекуваме дека во следните две години нема да испорачаат ништо суштински од ветеното – ниту брзи пруги, ниту европски стандард“. Според нашиот соговорник, „она што власта педантно го испорачува е предавање на енергетските капацитети и рудниците во рацете на однапред одредени управители“.
„Овој грабеж нема да може да се оспори дури ни пред меѓународните судови. Иако корупцијата е основ за ништовност на договорите во меѓународното право, власта брилијантно ја легализираше“, констатира универзитетскиот професор во текот на дебатата што ја отвори ЦИВИЛ.
Возбудата на политичкиот крем во Скопје – идентична со српската
Политичкиот аналитичар Љубомир Костовски ја поврзува ситуацијата во регионален контекст. Во разговорот за медиумската платформа на ЦИВИЛ, Костовски се изразува мошне сликовито, споредувајќи го неодамнешниот земјотрес во Војводина со тектонските промени на политичката карта по падот на Орбан, што предизвикува потреси и во државите кои се во некаква финансиска кохабитација со него, меѓу кои е и Северна Македонија.
„Оттаму, идејата на Вучиќ да прави избори – и тоа веројатно среде лето – преку постојните врзани садови лесно се пренесе и кај нас. Возбудата на политичкиот крем и во Скопје е сосема идентична со онаа српската – кој знае што сѐ ќе откријат европските ревизори кои веќе пристигнаа во Будимпешта, а од кои на актуелните политичари им се крева косата на главата“, вели Костовски во разговорот за ЦИВИЛ.
Не е невозможно Мицкоски да оди на предвремени избори, додека бројките сѐ уште можат да се претворат во нов мандат
За политичката и општествената состојба во изборен контекст пишувам во колумната „Предвремени избори за одржување на режимот“ што беше приложена и во дискусијата на неформалната дебатна група.
„Иако анкетите (ако воопшто некој им верува) сѐ уште му даваат значителна предност на Мицкоски и неговата влада, политичкото расположение може брзо да се промени. Сиромаштијата, ароганцијата на власта и чувството на безизлезност имаат свој политички рок на траење. Токму затоа не е невозможно Мицкоски и неговата клика да брзаат кон предвремени избори, додека бројките сѐ уште можат да се претворат во нов мандат. Целта би била јасна – да се капитализира сегашната предност и да се обезбеди уште еден четиригодишен мандат, дури и со помало, но доволно парламентарно мнозинство за формирање влада“, стои во колумната.
Во тој правец оди и размислувањето на универзитетскиот професор, соговорник во денешната дебата, кој вели дека „експресните и систематски измени на законите, како и наменското формирање на посебно Министерство за енергетика и рекомпонирањето на труд и социјала, не се реформи“.
„Тие се ‘правен оклоп’. Прво се кројат законите за да се девалвираат работничките права и да се олесни експлоатацијата, а потоа се потпишуваат договорите. Така, корупцијата станува совршено легална државна политика“, вели професорот.
Според него, предвремените избори се само чекор за осигурување дополнителни две години власт. Време кое е неопходно за овие договори да пуштат корени, додека непречено се располага со нови 13-14 милијарди евра буџетски средства.
Единствената конзистентност на власта е во нивната посветеност кон деструктивноста
Колумнистот и лидер на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ, вели дека различните ставови на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ околу можните предвремени парламентарни избори многу наликуваат на нивните ставови околу членството на државата во НАТО, околу името на државата “Северна Македонија”, околу уставните измени и патот на државта кон ЕУ, како и околу враќањето на Груевски во државата“.
„Ставот им зависи генерално пред каква публика се обраќаат, со големо влијание какво е нивното моментално расположение, дали дува ветер надвор и каква е временската прогноза за првиот следен викенд. Нивното политичко однесување е променливо, зависно од потребите на нивниот популизам, а единствена конзистентност им е нивната посветеност кон деструктивноста“, вели Хоџиќ.
Притоа, тој упатува да се погледне како се однесува премиерот во поглед на реконструкцијата на Владата за која зборува уште од локалните избори, и додава дека „сега е мај, а реконструкцијата на Владата не е завршена, а беше најавувана дека ќе се случи во ноември 2025“.
„Јас сум убеден дека оваа власт нема да го заврши својот мандат, но прашање на време е кога ќе направат проценка да организираат предвремени избори“, заклучува Хоџиќ.
Во прилог на дебатата, може да послужи и видео исечок од интервјуто на Хоџиќ за ТВ24 на 20 јануари 2026, каде што тој говори на оваа тема и ги изнесува истите ставови.
Политички ОК Корал меѓу власта и опозицијата
Во меѓувреме, премиерот Мицкоски за медиумите изјави дека нема да се организираат избори во 2026 година.
„Оваа година избори ќе нема, оваа е реформска и година на констолидирање. Јас би сакал да имаме редовни избори пролетва 2028 година. Дали 2027 година е опција, знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвен да оди на избори и да победи, но нашиот фокус е да испорачаме реформи и да ја зголемите економската моќ на граѓаните“, ја објасни својата желба премиерот во денешната изјава, објавена во ТВ21.
Оваа изјава доаѓа во одговор на СДСМ од каде што велат дека на премиерот Мицкоски му се брза за предвремени избори, затоа што „падна неговиот пријател Виктор Орбан, а со тоа почнува распадот и на криминалната мрежа“ во регионот.
На Македонија не ѝ требаат избори; Мицкоски има потреба да го сопре падот на рејтингот, пред сѐ, личен
На ова прашање се осврна и проф. д-р Оливер Андонов, лидер на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ.
„Услови за избори како политички потег и изборен процес може да има секогаш. Прашањето е дали има економски услови и воопшто потреба од предвремени парламентарни избори во Македонија. Од гледна точка на СДСМ избори сигурно нема потреба, затоа што не се подготвени иако ќе добијат учество во техничка влада, но тоа ништо нема да значи. Од гледна точка на Мицкоски, кој сега има апсолутно мнозинство, предвремени избори би биле добра можност за добивање уште четири години власт“, вели Андонов.
Според него, отворено прашање е дали ЗНАМ и ВЛЕН ќе го поддржат тој предлог за распуштање на Собранието. Секој од нив ќе оди со свои калкулации дали и колку ќе добие и дали ќе остане во идната влада за да биде согласен да си ја наруши сегашната позиција „која им е доста комфорна“.
„На Македонија не ѝ требаат избори во моментов, но веројатно на Мицкоски ќе му требаат избори за да може да се сопре надолниот тренд во однос на рејтингот, пред сѐ, личен. Сепак искуството ни укажува на тоа дека се можни предвремени парламентарни избори и тоа токму како решение за запрените европски процеси и лошата економска состојба. Всушност, во оваа фаза се врши испитување на јавното мислење во врска со подготвеност на граѓаните, односно на политичките партии, да излезат на избори. И тука ќе се наслушаме различни политичко-партиски изјави и надмудрувања преку кои ќе се врати пораката до премиерот“, анализира Андоновски.
Тој притоа ја нагласува и меѓународната димензија на овие маневри нан власта, велејќи дека „ова е и порака за привлекување на вниманието на ЕУ“.
„Сепак ЕУ нема да одговори на овие провокации, бидејќи Македонија не е во центарот на вниманието и допрва ќе ги чувствуваме последиците од глобалната криза. Иако Македонија нема потреба од предвремени избори, одлуката за истите не е кај политичките партии, туку исклучиво кај Мицкоски“, заклучува проф. Андонов.
Изборите сега или во блиска иднина се во зоната на контролата на штетата
Дали Мицкоски ќе го промени курсот веќе утре или во претстојниот период останува отворено прашање според Костовски.
„Изборите сега или во блиска иднина се во зоната на контролата на штетата која би била пред земјотресот што ќе не зафати и нас па добро е да се обезбеди нов 4-годишен мандат кој освен со откритијата во Будимпешта е врзан со сите валери на држава која паѓа во банкрот“, вели Костовски.
Според него, фактот што постојано се крати од различни категории на граѓани (гласачи) не е добредојден. Тој додава дека деновиве се актуелни родилките, на кои 3-4 месеци не им се исплаќа надоместот што им следува, а тука спаѓа и засиленото собирање на даноци.
„Ете и земјоделците чекаат на она што им следува од државата подолго време, некои повеќе и од година! Се собира полека тоа незадоволство кое не може, а да не се истури и преку гласачките кутии“, вели Костовски.
Без клучни реформи, изборите ќе бидат само продлабочување на проблемот
Новинарскиот ветеран и политички аналитичар Војо Маневски е краток и јасен.
„Без измени во Изборниот законик, без донесување нови закони за политичките партии и потеклото на имотот, сите следни избори, како и да се нарекуваат, ќе бидат само продлабочување на проблемот од кој сѐ потешко ќе се најде излез“, вели Маневски.
И покрај различните перспективи, низ целата дебата провејуваше истото предупредување: државата влегува во фаза на продлабочена институционална и политичка нестабилност.
Во општествено-политичкиот амбиент во кој се наоѓа Северна Македонија, предвремените избори сѐ помалку изгледаат како демократска потреба, а сѐ повеќе како обид за контрола на штетата и продолжување на политичкиот рок на траење на власта. Колку повеќе расте стравот од економските и политичките последици што доаѓаат, како и од меѓународните финансиски истраги во Будимпешта, толку е поголема веројатноста власта да посегне по изборен маневар додека сѐ уште ги контролира институциите, наративот и правилата на игра.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





