Минимални се шансите за обновување на проектот Јужен тек преку кој рускиот гас требаше да дојде до Европа, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Тој исто така беше песимист и за проектот за изградба на нуклеарна електрана во Белене во Бугарија.
– Судејќи според тоа како изгледа денешната соработка во овие проекти, перспективите за обновување на нивната реализација се минимални, изјави Песков на прес конфренција.
Јужен тек беше посочуван како значајна гасоводна траса што преку крак требаше да донесе гас и во Македонија. Од Владата лани соопштија дека гасфикацијата ќе продолжи преку други алтернативи.
– Независно дали ќе доаѓа од ТАП, дали преку Гаспром, има и некои други варијанти, но сепак тие не зависат од Македонија, туку од меѓународни случувања, наша задача е системот да го направиме флексибилен, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања кон крајот на минатото лето, кога беше објавен тендерот за гасификација.
Изградбата на Јужен тек се проблематизираше откако Брисел оцени дека проектот е монопол и побара пристап до цефководот и за други земји и компании. Дополнително притисокот се засили и врз земјите – членки, но и оние што претендираат да бидат дел од ЕУ, да ги променат договорите според европските правила. Јужен тек.
Јужен тек беше проектиран за испорака на 67 м,илијарди кубни метри гас годишно за Европа.

