Како што беше очекувано, сега кога се гледа крајот на спорот за името со Грција, лажните вести во медиумите земаат замав.
Тоа што се случи по вчерашниот протест пред Собранието само го потврдува тоа. Бројни лажни профили на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер започнаа да шират злонамерни лаги и шпекулации.
На пример, беше злоупотребена фотографија од хрватската пејачка Северина, која за потребата на некое снимање со помош на професионална шминка е направено да изгледа како да е претепана, и таа фотографија беше презентирана како „претепана Македонка на протестот“.
Освен тоа, на социјалните мрежи се ширеше фотографија од претепана стара жена од некој инцидент во Србија, и таа беше презентирана како исто да била учесник на вчерашниот протест.
Советот за етика во медиумите на Македонија реагираше дека медиумите не смеат да бидат злоупотребени за пренесување повици за обединување поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.
– Оваа реакција е поради зачестените случаи на ширење шпекулации, еднострано известување и невистини преку некои медиуми, особено во контекст на сегашната политичка ситуација и по потпишувањето на договорот за името со Република Грција. СЕММ апелира на воздржаност и смирени реакции на какви било провокации од кој и да е центар на моќ, групации или поединци. Медиумите имаат особено важна улога во заштитата на граѓаните од појавата на нетолеранција и недоверба и нивна изложеност на ризик од насилство. Тие не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и други поединци и групи, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните на Република Македонија – порачуваат од СЕММ.
Краток прирачник за да не наседнете на лажна вест
Затоа, сега повеќе од било кога, важно е граѓаните да обрнат повеќе внимание на она што ќе го слушнат, видат или прочитаат.
Како особено неверодостоен медиум може да се издвои социјалната мрежа „Фејсбук“. Граѓаните можат да прочитаат некој статус кој шири лаги, дезинформации, повикува на некаква акција и слично. Пред да поверуваат во она на што ќе налетаат на Фејсбук, граѓаните мораат прво да се уверат дека тоа што го читаат е напишано од вистинска личност, а не од лажен профил. Оние кои сакаат да шират невистини во јавноста, речиси без исклучок тоа не го прават од нивниот личен профил, туку од лажен.
Многу од интернет порталите кои постојат само поради тоа што развојот на технологијата е драстично побрз од бавното законодавство, и таа сфера е се уште нерегулирана, често шират фејк њуз.
Доколку на таквите интернет портали прочитате наслов кој прави да чувствувате страв или паника, шансите да читате лажна вест се поголеми.
Лажните вести често имаат наслов кој не соодвествува со текстот и фотографијата која е објавена. Затоа, секогаш обидете се да најдете време да ги прочитате текстовите до крај, а не само насловот и првите реченици.
Исто како со информациите кои ги дознавате од Фејсбук, така и со она што ќе го дознаете од интернет порталите, потрудете се да разгледате неколку различни интернет портали, за да проверите дали информацијата ја објавиле повеќе или само еден портал.
*„Проектот е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.






