Траектите со кои некогаш се пристигнувало на малите острови во иранското езеро Урмија, сега се полни со ‘рѓа и насукани во област која повеќе личи на солена рамнина отколку на езеро.
Пред само две децении, Урмија беше најголемото езеро на Блискиот Исток, а локалната економија се базираше на просперитетен туристички центар со хотели и ресторани.
– Луѓето доаѓаа овде да се капат и да се мачкаат со лековита кал. Остануваат барем неколку дена, изјави локалниот новинар Ахад Ахмед за Си Ен Ен.
„Смртта“ на ова езеро беше брза. Неговата големина е е повеже од двојно намалена – од 5.400 квадратни километри во 1990 година, денес изнесува 2.500. Експертите стравуваат дека наскоро може целосно да исчезне.
„Тие трошат повеќе вода отколку што има врнежи“
Такви проблеми има во многу делови на Блискиот Исток, каде што вода има се помалку и помалку.
Регионот е погоден од постојани суши и високи температури на кои едвај е можно да се преживее. Покрај проблемите со климатските промени, постои и прекумерна употреба на вода и лошо управување со инфраструктурата.
Некои земји од Блискиот Исток, вклучувајќи ги Иран, Ирак и Јордан, испумпуваат огромни количества вода за наводнување на земјоделското земјиште, истакна Чарлс Исланд од Институтот за светски ресурси (WRI).
– Тие трошат повеќе вода отколку што има врнежи и затоа нивото на подземните води опаѓа. Поради намалените врнежи и зголемената побарувачка за вода, многу реки, езера и мочуришта се сушат, рече тој.
Последиците од овој недостиг на вода би можеле да бидат уште пострашни бидејќи некои области можат да станат неповолни за живот. Дополнително, може да има посилни тензии околу делењето и управувањето со водните ресурси, а може да избие и повеќе политичко насилство.
Лоши предвидувања за иднината
Проблемите со водата во Иран веќе предизвикаа смртни случаи. Во јули, властите убија тројца демонстранти кои протестираа поради недостигот на вода во југозападниот дел на земјата.
Се претпоставува дека зимите на Блискиот Исток ќе бидат се повеќе сушни со глобалното затоплување, и иако летата ќе бидат повлажни, високите температури ќе ја отежнат целата ситуација.
– Проблемот е што со зголемувањето на температурата, целата вода која доаѓа преку дождот ќе испари. Дополнително, ќе се случуваат екстреми. Ќе има екстремни врнежи, што значи дека ќе има поплави како оние во Кина, Германија и Белгија, кои ќе претставуваат голем проблем за Блискиот Исток, изјави Мансур Алмазруи, директор на Центарот за истражување на климатските промени на Универзитетот „Крал Абдулазиз“ во Саудиска Арабија.
Климатските промени не влијаат само на количеството достапна вода, туку и на нејзиниот квалитет. Урмија е хиперсолено, односно многу солено езеро. Како што се намалуваше, така се зголемуваше концентрацијата на сол и стана толку екстремна што употребата на таа вода всушност им наштети на посевите.

Киомарс Пујебели, кој одгледува домати, сончоглед, шеќерна репка, модар домат и ореви покрај езерото, рече ваквата вода е катастрофална за неговото одгледување.

– Не е далеку денот кога почвата ќе стане необработлива, нагласи Пујебели.

Јордан увезува вода од Израел

Луѓето во Јордан се навикнати да живеат со малку вода, но истражувањето објавено во Зборникот на Националната академија на науките покажа дека до крајот на векот ќе треба двојно да ја намалат потрошувачката на вода по глава на жител.

Повеќето Јорданци со помали примања ќе живеат со 40 литри дневно за сите нивни потреби – за пиење, капење, перење облека и садови. Просечниот Американец денес користи околу 10 пати повеќе од ова количество.

Нивото на подземните води во делови од земјата се намалува за повеќе од еден метар годишно. Но, причината не се само климатските промени. Јордан се потпира на речен систем кој минува низ Израел, Западниот Брег, Сирија и Либан, а браните кои тие земји ги изградија покрај реката сериозно го намалија протокот на вода во Јордан.

Земјата нема друг избор освен да купи големи количества вода од Израел, кој има огромна програма за десаленизација, при што ја отстранува солта од морската вода. Но, десаленизацијата троши огромни количества на енергија; енергија која се уште не е зелена и обновлива, туку само придонесува за глобалното затоплување.

Едно од решенијата за исчезнувањето на водата во овие области е нејзина намалена употреба во земјоделството, што може да значи промена во видот на храната која се одгледува.

– Во Израел, на пример, одгледувавме многу портокали, но во еден момент сфативме дека извезуваме вода што ја немаме, истакна експерт, додавајќи дека културите исто така би можеле да се проектираат да бидат поотпорни на топлина и суша.