НОВА ТВ го објавува демантот на Даут Даути, кој се однесува на серијалот за лустрација, во случајов- Хроника на политички прогони: Лустрација на Хисен Шаќири, разговор со Нора и Бени Шаќири, прв и втор дел, 20 и 27  август, 2020

Си мислев дека таму пред 4-пет години се разјаснија работите, ама не, тогаш Нора, а сега и Бени, унисоно,се навраќаат на старата затворена тема, и за лустрацијата, и за случајот на Хисен Шаќири.Но најнапред, пред да се впуштам во „материјална расправа“ со нив, поучно би било да им раскажам две кратки и поучни народни приказни, кои имаат врска со исповедта на Нора и Бени, на кои подолу ќе се навраќам „компаративно“.

Прва народна приказна: Си бил на времето еден шегаџија и помалку лажго, кој еден ден си измислил приказна и им рекол на селаните дека горе на планината видел рој пчели и многу, многу мед. Селаните се затрчале кој прв да стигне до медот. Лажгото кога видел дека сите отидоа по мед, и тој си зел една кофа и тргнал по другите селани: „Штом сите отишле, можеби стварно има мед!“, си рекол сиротиот кој заборавил дека другите отишле по неговата лага, на која, ете, и самиот почнал да и верува!

Втора народна приказна: На лисицата и се запалила опашката и се затревожила. Гледа десно кај опашката, оган, гледа лево, оган! И викнала: „Леле луѓе, се запалило полето!“Луѓето погледнале, никаде оган, освен на опашката на лисицата, па и рекле: Лисицо, не гори полето, туку твојата опашка!

Ете, така народниот мудрец раскажува.

ИЗМИСЛЕНА ПРИКАЗНА ЗА ДА СЕ ДОКАЖЕ НЕКАКВА ОДМАЗДА ОД ЛИЧНИ МОТИВИ!

А што раскажуваат Нора и Бени за лустрацијата на татко им? Главна поента е дека негови колеги новинари,  а особено едниот од нив, му се одмаздил на Хисен Шаќири, затоа што тој, значи овој дотичниот колега од комисијата за лустрација, Хисен не го примил на работа на еден конкурс во Телевизијата(МТВ ли, ТВ Скопје ли?) каде што конкурирал, ама ете, дека бил слаб кандидат (така му доаѓа според кажувањето на Нора и Бени), и тој начекал прилика да му се одмазди преку лустрацијата…

Ете, оваа е приказната која ја измислија за да ја зајакнат нивната теза за наводната одмазда (нели, мора да има мотив!), и тоа неколку пати го повторуваат, што ефектот од народната приказна: не само да ја залажуваат јавноста, ами и самите да и веруваат!

Бидејќи оваа прикаска се повторува и после 4-5 години од првите полемики, и јас си се замислив сериозно и ги повикав двајцата други мои колеги новинари од Комисијата и директно ги прашав, а бе, кажете кој од вас бил одбиен од Хисена и сте му се одмаздиле?! Ни еден ни другиот немале таква ситуација, а ниту третиот, јас, не сум учествувал на ниту еден конкурс за вработување во МТВ…

Затоа, бидејќи сум новинар по професија со диплома од „Кирил и Методија“, сакам точност и проверка на факти (така мојата генерација ја учеа професорите Јован Павловски, Веле Смилевски, Раде Силјан и Живко Андревски), па ги замолувам Нора и Бени, да го кажат ИМЕТО на дотичниот колега „одмаздник“, ГОДИНАТА кога бил КОНКУРСОТ, за да дознаеме на крај можеби некој од нас и не бил свесен дека учествувал или го фатила фатална заборавност, која некако потсвесно делувало па од одмазднички мотиви се залагал при лустрацијата на Хисен Шаќири. А освен тоа, најверојатно отишол “месечарски“ и се протнал низ прозорец на Државниот архив и подметнал во досие на политичарот Мендух Тачи „фабрикувани“ документи во кои ете, го вметнал и името на Хисен Шаќири како соработник!

Да не си играме мижитатара, да спомнуваат некојси таму, кому Бени вели дека не му го знае ни името, а знае дека тој бил одбиен на конкурс… Ова е страшна КЛЕВЕТА, та ако не излезат со име и за година кога бил тој фамозен конкурс (не со измислена во нивните глави на која почнале да и веруваат!) и да си се препознаеме, може да се доведеме во ситуација да се убедуваме „институционално“ како што милуваат да се закануваат брат и сестра. Бидејќи се работи за суштинска работа: ако нивната емотивна исповед ја базираат врз ЛАЖНА ПРИКАЗНА, и фалшично ја прикажуваат, нивна исповед и материјално е фалична и неверодостојна и со тоа ја залажуваат јавноста со одредени намери и цел.

На јавноста сакам да појаснам дека Нора и Бени, иако не го спомнуваат, мислат за ЕДНИОТ меѓу тројцата новинари од првиот состав на комисијата: Агим Мемети веќе бил искусен и афирмиран и наградуван новинар на ТВ Приштина, Шпенд Винца, еден од најдобрите новинари на младински весник од Приштина, Zëri i rinisë(Младински глас), и по вонредните мерки на режимот на Милошевиќ, и двајцата се вратиле во Македонија, едниот се вработил како уредник на едно гласило на ИВЗ, а другиот како дописник на МРТВ од Струга, и на крај, Даут Даути, добитник на највисокото новинарско признание од Здружениото на новинарите „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за објавени колумни во весникот Дневник, и автор на повеќе од десет литературни и публицистички дела. И тој не е некој случаен минувач низ новинарската професија, може да ги прашате Веле и Раде, или неговите колеги па и читателите…

Кој од овие тројца, според Бени и Нора не биле достојни за нивниот татко, кому не му го знаат името, а бил одбиен?! А јас мислам спротивно и во право сум: да му одел било кој од овие тројца на Хисен, ако ја ценел професионалноста, без конкурс би го примил!

Хисен не заслужува неговите деца да измислат приказна за да докажат нешто што не е вистина. Сега, прашање за милион: кој од овие тројца спомнати е одмаздникот кој бил одбиен? Првите двајца веќе биле искусни новинари, а третиот, со јак професионален бекграунд, како еден од првите двајца дипломирани новинари Албанци од Факултетот по новинарство во „Кирил и Методиј“, весникот „Флака е велазеримит“ само чекаше ден кога ќе дипломира, за да го вработат, како што и се случи, па немал ниту време, а ниту некакви други мотиви за да молјака некого на друго место, а најмалку на ТВ поради свое лично убедување дека повеќе му лежи пишаното новинарство. А во Флака и онака соработуваше додека беше на студии.

На лагата и се кратки нозете…

Морам да го споделам впечатокот дека поради театралниот неприроден емотивен набој што се гледа во секоја патетична мисла на Нора и Бени (тие треба да знаат дека нивното интервју така делува), така што оставаат впечаток на лисицата со запалената опашка од народната приказна, мислејќи дека цел свет гори. А не “гори“, оти ако бил лустриран Хисен Шаќири, не е лустрирана цела Македонија. Хисен, и само еден меѓу 200-300 луѓе, иако низ процесот и проверка на факти, поминале илјадници. А и не бил само Хисен колега на тројцата новинари од комисијата, имало и други, па дури и со блиски релации(колегијални или пријателски), но не памтам дека некој измислил вакви небулози, како што измислуваат Нора и Бени.

Многу од лустрираните достоинствено си ги прифатија решенијата, не се бунеа, тој што сакаше да ги тужи решенијата, си го искористи правото да ја истера својата вистина преку законски предвидената процедура. Но морам да ги прашам потомците на Хисен Шаќири, кога тоа ви проработе филмот, месец-два по решението, една, две-три, четири ли години по лустрација? Не ми е јасно, еве, сфаќам дека Хисен Шаќири бил болен на постела (Комисијата за тоа не знаела, бидете сигурни, а и да знаела, што менува во суштина за неговото дело?) и не можел да реагира на решението, но вие милите чеда и тоа како сте биле свесни, и сте можеле а и морале (сте имале морална и материјална обврска) веднаш да реагирате, не требало многу, само неколку реченици, за да тече обжалувањето,мала жртваза него сте можеле на време да си направите, за да имате и сега образ да го браните.

А ме чуди тој занес на Нора и Бени да докажуваат нешто вртејќи се „каокиша око Крагујевца“, барем така ми делуваат, бидејќи цело време нешто Нора барала по институции, отишла овде-онде каде што обичен човек не може да стапне(УБК), па ВМРО и не била така лоша кон нив штом им допуштила, а Нора, велат моите колеги од комисијата била честа гостинка и во самата комисија, најчесто се сретнувала со некој наш колега лустратор кој и дал „пас“ во нејзината „истрага“, ама не и да се усмели да се сретне со колегите новинари на Хисен Шаќири, ако не за друго, тие ќе и помогнеа побрзо да дојде до вистината. Но нејсе, тоа било па прошло.

ШТО ДОКАЖУВААТ ДОКУМЕНТИТЕ?

Една албанска народна поговорка за неверните томи вели: Еве го волкот, а ти бараш трага! Вистината е толку очигледна за да се талка по неа, има точна „адреса“ и опис, па не се игра криенка барајќи кај што ја нема.

И порано од Нора, а и сега од неа и нејзинииот брат, ја слушаме истата теза како немало доказ дека Хисен Шаќири бил соработник, односно дека нема соработничко досие. Од неколку годишното работење Комисијата за лустрација се соочи со таква ситуација да добие информации за одредени лица дека нема соработничко досие, или пак оној фамозен документ „за соработка“.

Но, и експерти по ваков вид документација, и претставници на нашите органи од „внатрешни“ укажуваа дека кај нас многу од досиејата или се уништени целосно, или останале траги на соработка во други досиеја. Едно е битно за лустрацијата, дека низ тој процес членовите на Комисијата за верификација на фактите (Комисија за лустрација) имале пристап и во досиејата на соработниците(кои колку што ги имаше, толку и ги немаше сегашното УБК), и врз досиејата на следени лица поради идеополитички причини кои се во Државниот архив. Така, може УБК да ви даде известување дека за едикојси нема соработничко досие („не евидентира“), а пак истото лице да ви се појави во досие на некое следено лице како извор. Такви имало безброј. И безброј такви комисијата ги прогласи како соработници, така што Хисен Шаќири не е никаков исклучок во методологијата на работа на Комисијата.

Едно следено лице во поново време бил и сегашниот лидер на Демократска партија на Албанците, Мендух Тачи, за кого постои обемно досие (велат дека има две, а во Архивот сме нашле едно), во кое има многу документи каде што како информатори се појавуваат негови сопартијци, пратеници, министри, па и новинари. Повеќето од нив се покриени со псевдоними, некои лесно препознатливи (но ако УБК не ви потврди за идентитетот не можете ништо против него), а некои не, за кои ниту УБК ниту Архивот немаат евиденција дека се соработници, а всушност се! За несреќа на Нора и Бени, нивниот татко, Хисен Шаќири по полно име се јавува во три документи каде што тој е информатор на службата.

Бидејќи тие ги повторуваат истите нешта, јас исто така ќе се повторам, но со онаа што е факт: не заради нив, туку за јавноста, бидејќи во цели две продолженија на интервјуто, само суштинските работи не ги спомнале за лустрацијата на Хисен Шаќири, со што и понатаму јавноста ја оставаат во заблуда.

Основ за лустрација на Хисен Шаќири(1): пишувани документи за следење лица поради политичко делување како и новинари.

Докази(2): трите документи се однесуваат на трети лица: Мендух Тачи и Арбен Џафери (нивното крило на ПДП), а информациите што ги дава Хисен Шаќири се и за неговите колеги новинари од редакцијата на албански јазик во МТВ(по број: тројца).

Служба за која (не)„соработувал“(3): во трите документи е „Служба за државна безбедност-РУСДБ-Скопје“.

Бидејќи Нора и Бени постојано обвинуваат редно е и за нив а и за јавноста да се стават пак на увид овие „списи“ за пошироката публика за да се процени дали новинарот Хисен Шаќири со тоа што имал контакти и бил „извор“ на „Служба за државна безбедност-РУСДБ-Скопје“, бил „соработник“, или некаков си „надворешен коресподент“ на истата, чии информации според нив, не можат да се подведат под „соработка“.

1.Во првиот документ пишува дека податоците се однесуваат на коментарот на негов колега(Н.Мухамеди) кој пишувал критички за некој став на албанскиот министер за надворешни работи во однос на правата на Албанците во Македонија, кои на почетокот на 90-тите години ја обременуваа нашата политичка ситуација.

Покрај тоа што Хисен Шаќири го превел речиси целиот коментар, оперативниот работник вели дека „Во натамошниот тек на разговорот не запозна со најновите активности на Нијази Мухамеди (новинар од истата редакција во која работел Хисен Шаќири-м.забел.), а кои се однесуваат на политички настани сврзани со престојот на македонската делегација во Тирана…“, при што се објаснуваат конкретни активности на новинарот Нијази Мухамеди да покани  гости во емисии кои ќе објаснат одредени политички ситуации околу расколот во ПДП и односот на владата во однос на истото како и на позицијата на Албанците.  Оперативниот работник пишува дека (пазете) бил обезбеден коментарот  „кој изворот во целост го преведе“, и заклучува: „На изворот (Хисен-моја забел.) кој стручно и совесно ги извршува поставените задачи дадени му се инструкции за натамошен увид во контактите, ставовите и истапувањата на НијазиМухамеди“. (Документот носи датум 25.02.1994, место на средба меѓу изворот и оперативниот работник: „Црешово топче“, час 10.00).

2. Вториот документ исто зборува за нова средба на исто место („Црешово топче“) на претставници на службата со изворот (кој е истиот: Хисен Шаќири) заинтересираноста на службата (горенаведената: „Служба за државна безбедност-РУСДБ-Скопје“) за посетата на делегација на ПДП – крило на Арбен Џафери во Р.Албанија. Изворот е ист(Хисен Шаќири), оној кој „стручно и совесно ги извршува поставените задачи“ (описот го дава оперативецот), кој на претставниците на службата им ги дава информациите кои ги добил од неговиот колега новинар Вулнет Пошка кој известувал од Тирана, а претежно се работи за активностите и ставовите на Арбен Џафери и Мендух Тачи околу политиката на ПДП за правата на Албанците во Македонија.(документот носи датум 10.03.1994).

  1. И третиот документ се однесува на ПДП-крилото на Арбен Џафери, место на средба не е „Црешово топче“, ако воопшто е битно, ами друг ресторан, „Пајмакс“. Во документот станува збор за едно соопштение на ПДП-крилото на Арбен Џафери кое преку телефонски разговор Мендух Тачи побарал од уредникот Скендер Рауфи да се објави, а понатаму се прераскажува содржината на соопштението. На крај пак се вели „на изворот (значи на Хисен Шаќири-моја забел.) му се дадени инструкции да ги следи состојбите на овој план и навремено не информира“.

 

НОВИНАРСКО ИЛИ СОРАБОТНИЧКО ДЕЛО?

 

Значи, не требало многу да талка Нора а и Бени по институции, не знам дали некој ги опструирал, доволни се овие документи за да се види соработката.  Конкретните дејности многу повеќе и по сликовито зборат, одошто тоа што во случајот го немало(соработничкото досие, што го барале Нора и Бени).

Што може да биде некој што од „Служба за државна безбедност-РУСДБ-Скопје“добива инструкции и ги извршува поставените задачи од неа?

Навистина, по кој новинарски жанр се изразувал големиот професионалец Хисен Шаќири во кафеаната „Црешево топче“ или „Пајмакс“, и пред која „публика“, пиејќи кафе со претставник на тајната служба? Сигурно не пред ТВ-гледачите на неговата редакција!

Е сега, јавноста и новинарската фела, треба да процени, дали она што Нора и Бени Шаќири го верглаат цело време во своето интервју за Нова ТВдека Хисен Шаќири нема “соработничко досие“ (замајување на јавноста) е побитен факт во однос на постоечкитетри документи (суштинското) од досието на Мендух Тачи, во кои и тоа како се гледаат контактите и содржината на информациите и контекстот, баш во духот што го бараше првиот закон (оној што сите партии го гласаа) и кој поради нереформираност на службите, го опфати и периодот на плурализмот. Следењето на политичките субјекти и нивните внатрешни односи е доказ за тоа дека Службата која иако сега имаше ново име, табиетот си останал ист.

Законот бараше тајна, свесна, континуирана… соработка. Читателите нека го проанализираат контекстот од цитираните документи: таму имате свесност, имате тајни средби и активности (што би рекле неговите колеги дека дава информации во службата за нив?!), и имате неколку месеци временска дистанца од првиот до третиот документ, значи не се случило случајна средба на Хисен со претставникот на службата да речеме од спомната посета на Црвенковски, туку три пати, и тоа со назнака дека му се даваат задачи! Е па, соработката нема рогови, што би рекла една албанска поговорка.

Башка што за него е компромитирачко што со службеникот даваа информации за професионалнитеактивности на неговите колеги уредници и новинари. Среќа што било веќе време на плурализмот, инаку којзнае како би поминалеНијазиМухамеди, Скендер Рауфи или тогашниот новопечен фракционер во ПДП, Мендух Тачи, за чие политичко делување беа заинтересинари и службите. Но сепак, и тоа е доказ службата била будна преку ревносни соработници кои ги следеле расколите на партиите(како некој висок државен интерес), па и новинарите(да не застранат!?), па и имала секаде очи и уши…

Кога се лустрираше Хисен Шаќири, не се носеше решение, туку заклучок со кој се известуваше странката. Во документацијата на Комисијата за лустрација може да се види дека заклучокот му е доставен уредно на Хисен Шаќири(„курирот“ кажал дека лично го примил) и тој во законскиот рок не се произнел и потоа комисијата носи конечно решение. Зошто ниту Нора или Бени, ниту никој друг од семејството не се затревожил во законскиот рок, или барем по некое разумно време за да си тераат правдина во рамки на законот, наместо да „плачат“ отпосле по медиуми?

 

ЗАКЛУЧОК

Оваа емотивна исповед полна со патетичност во кое неколку пати ги час сестрата, час братот ги повторуваат истите тези, е битна како илустративен пример како против лустрацијата имаи многу неосновани атаци. Поради сите политички игри и медиумски притисоци, е создадена неповолна слика за лустрацијата,  можеби некое решение е донесено со минимални елементи за соработка, можеби вториот закон за некои не беше најдобро стокмен(опозицијата тогаш го напушти фронтот и ВМРО си напиша закон кој беше напаѓан), но тоа не е битен факт за случајот на Хисен Шаќири, кој  беше лустриран со оној првиот закон и со гласови на членовите од првиот состав на комисијата, во која беа претставници со поддршка на сите партии.

Нора е новинар, па, ете, нека појде во Архив, бидејќи гледам дека во интервјуто таа и Бени преминуваат преку тоа, да си го земе досието на Мендух Тачи, нека ги ископира трите документи врз кој е лустриран Хисен Шаќири, и нека се обрати до двете новинарски здруженија и тие во тие нивни органи нека си ги проанализираат, и нека кажат дали е новинарски труд да се состануваш со оперативец на „Служба за државна безбедност-РУСДБ-Скопје“, да преведуваш текстови на колеги и да даваш информација како некој твој уредник постапувал со нечие соопштение на наша политичка партија, или каков е односот на неговиот колега новинар кон одредени политикиили е нешто друго.

Ако тие кажат дека состанувањето на Хисен Шаќири по кафани со оперативен работник на РУСДБ и примањето задачи од  него е новинарски труд а не соработка, јас ќе им се извинам на членовите на семејствотоШаќири. Секако, треба да ги прашате што мислат и колегите на Хисен, Нијази Мухамеди и Скендер Рауфи, чии имиња се спомнуваат во овие списи на тогашната служба, како и Мендух Тачи во чие досие се тие документи, дали информациите дадени од Хисен се во рамките на неговите зададени и извршени задачи од службата(соработка), или се делод професионален новинарски ангажман! Нека му се обратат и на на г-дин Стојан Андов како автор на законот за какви документи станува збор и да го прашаат дали во нив се гледа соработка со службата за идејно-политички причини.

Лустрацијата не ја измислија членовите на Комисијата за верификација на фактите (лустраторите), туку тој процес беше регулиран со закон кој го донесоа со консензус сите политички партии, а кои секако, не го измислија ни тие самите, туку според препораките на Резолуција на Совет на Европа го предложи Стојан Андов. И не се спроведе лустрација само во Македонија, туку во повеќето земји во транзиција.

Во некои беа илјадници прогласени соработници, а во Македонија каде што имаше најмалку, се дигна најголема врева, и целиот револт беше против комисијата, која пак не беше виновна за законот и за фактот што лустрацијата почна со консензус и заврши со политички игри меѓу партиите, и медиумски притисоци. Самиот процес на лустрација имаше неколку фази, имаше и два закона донесени, еден со консензус, другиот при бојкот на опозицијата, имаше и несредена документација, затоа што дел од досиејата бившите служби на ЈНА ги однесоа во Белград, каде што се и оние од „централата“(федералните органи), а од друга страна, не мал дел од документацијата на македонските служби биле уништени со некои законски или подзаконски акти, и тн., така што комисијата не наоѓаше многу архивска граѓа, често беа останати само екстракти од соработката, или пак се наоѓаа „раштркани“ траги по историските досиеја префрлени во Државниот архив.Сите документи кои можеа да се најдат од четирите органи со кои соработуваше Комисијата за верификација на фактите, беа валидни за проверка и за носење одлуки. Некои одлуки беа едногласни, некои со мнозинство, имало и некоја спорна одлука (а во кој орган е се идеално?), но во тие рамки сигурно не е таа за Хисен Шаќири за за чија лустрација, секако, не гласаа само некојси негови колеги, туку многу повеќе членови на Комисијата.

Даут Даути,

Бивш член на Комисијата за верификација на фактите