Јас секогаш гласав за ЕУ а сега ми го одзедоа тоа право – вели поранешниот пратеник Иван Анастасовски по вчерашниот бурен ден во Брисел кој ја дигна до максимум политичката температура во земјава.

По преспивањето на настаните неговиот коментар денес е дека Македонија вчера паднала на последната препрека од својот долгогодишен пат и затоа и порачува на Владата да направи анализа кој го промашил патот и да понесе одговорност.

„Верувам дека херојството ќе ве држи три дена како и секое чудо. Но Македонија падна на последната препрека од својот долгогодишен пат, и не е лошо во меѓувреме Владата да си направи анализа кој тоа го промаши патот и да има одговорност за тоа“, вели тој.

„Во периодот на херојството ќе славиме и ние, но тоа ќе помине и ќе дојде време да се каже што понатаму односно по кој пат ќе се насочува Македонија. Особено одговор на оваа сега ќе треба да даде премиерот Ковачевски со својот тим кои веројатно имаат план Б. Јас лично не се ставам во редот на херои, но сум во редот на слободни граѓани кои сакаат да функцинираат и работат во глобален свет. Очекувам дека ќе ни кажат која е нашата иднина особено партијата СДСМ која секогаш имала јасна цел за Македонија во ЕУ и НАТО. До тогаш очигледно ќе се испостави како реална изреката дека ќе јадеме корења“, реагира Анастасовски.

Поранешниот пратеник Иван Анастасовски смета дека земјава доживеа уште еден неуспех на патот кон ЕУ и дека за тоа е одговорна Владата

Ова е една од ретките експлицитни негативни реакции по вчерашното „не“ на премиерот во Брисел, но отсликува состојба која може да води и кон поинакви мислења, наспроти еуфоријата со која во Скопје беше дочекано одбивањето на францускиот предлог.

И додека во Македонија се сумираат впечатоците од вчерашниот тензичен ден, Бугарија побрза да прави „контрола на штетата“ по нејзиниот имиџ, усвојувајќи го во Народното собрание францускиот предлог, и победоносно воскликнувајќи: „Го тргнавме ветото“! На тоа му претходеше усвојување на Декларација со која се утврдуваат условите под кои Република Бугарија може да ги поддржи следните чекори во процесот на европска интеграција на Северна Македонија. Во нивниот документ се додадени уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ. Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи е скептичен околу иднината на разговорите со Бугарија. „Усвојувањето денес на Резолуцијата во бугарскиот парламент, во која се потенцираат две прашања ќе го блокира долгорочно европскиот процес, и воедно ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство на долг рок“, смета тој. Тие две прашања се зборот „протокол“ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот „отворање“ во параграф шест од заклучоците на советот, порача тој денес преку социјалните мрежи.

Малинка Ристевска-Јорданова долгогодишен набљудувач на македонскиот трнлив пат кон ЕУ и член на Институтот за европска политика од Скопје по нејзината прогноза објавена на нашиот портал дека шансите да се надмине блокадата се мали поради политичките турбуленции во Бугарија, оцени дека тврдите бугарски позиции не можат да доведат до „идеално решение“.

„За нас се многу побитни условите под кои тоа ќе се случи, дали и како би се изменила предложената преговарачка рамка, односно дали и какви отстапки ние ќе направиме. Лошо решение ќе има негативно влијание врз целиот пристапен процес, а ‘откочувањето’ може да има краток рок, со оглед на тоа што на бугарска страна засега не постои политичка клима за менување на позицијата, односно откажување од постојните неодржливи услови“, вели таа.

Малинка Ристевска-Јорданова смета дека бугарските тврди позиции не даваат простор за оптимизам

По денешната прес-конференција на министерскиот двоец Османи-Маричиќ, се добива впечаток дека Северна Македонија е повторно во дефанзива, иако обидот е да се прикаже поинаку.

„Ќе чекаме што ќе предложи Франција откако ќе ги види двете позиции на земјите, како тие ќе пристапат во процесот. Ќе бидеме во комуникација и да видиме што ќе достават како конечен предлог“, вели Османи. Тој објаснува дека засега е во оптек работна верзија на преговарачката рамка, во која треба да бидат внесени забелешките на двете страни. Османи прогнозира дека ако бидат исполнети барањата на Македонија за заштита на македонскиот јазик, изземањето на историските прашања од преговарачката рамка и уставни промени по почетокот а на пред почетокот на преговарачкиот процес со ЕУ, може да се надеваме и на посериозен пробив наредните денови.

Опозицијата во меѓувреме упати остри обвинувања проследени со барање оставки. „Ковачевски не може да манипулира дека тој и Владата не знаеле за предлогот во чија подготовка учествувале официјални државни органи. И според изјавите на Стево Пендаровски, но и бројни дипломати од кариера предлогот бил изработен со вклученост на сите страни. Бараме одговорност и оставки од Бојан Маричиќ и Бујар Османи како директно вклучени во процесот на преговори“, рече денес Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата обвини и дека „со согласноста која Владата и Ковачевски ја имаат дадено овој предлог воопшто и да излезе во јавноста се поставени темелите на идните бугарски уцени во иднина, и можноста секој следен предлог да биде најмалку лош како овој“. Вака направената штета, оцени ВМРО-ДПМНЕ, не е моментална, туку трајна и за ова мора да има одговорност.

Османи и Маричиќ категорично ја отфрлија можноста за оставки. „Ние не го квалификуваме ова прашање како црно-бело прашање на успех или неуспех. Ова е наша борба да станеме членка на ЕУ, а притоа заштитувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните. И тоа што ќе кажам е дека нема да правиме компромис по ниту едното, ниту другото прашање. Ќе станеме еден ден членка на ЕУ, но со заштитени државни и национални интереси“, нагласи Османи.

Поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров по вчерашниот ден оцени дека Владата во голема мера ги влошила преговарачките позиции на Македонија во однос на Бугарија

Поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров, кој кратко време ги имаше во своето портфолио и евроинтеграциите, вели дека по враќањето од Брисел треба да се разгледа прашањето како успеавме од португалски предлог да стигнеме до француски предлог, но и да се замрзне учеството во Комисијата за историски прашања. „Без политичка одговорност за овој дебакл, нема да дојдеме до подобар резултат. Второ, како општество мораме отворено да разговараме за патот напред. Каква политика ќе нѐ доведе до достоинствено решение кое вистина ќе нѐ носи кон членството во ЕУ, со фокус на реформите наспроти билатералните прашања. Меѓу другото, во односите кон Бугарија, треба веднаш да престанеме да го ‘наградуваме’ ветото, со постојани концесии. Ветото го крши членот 2 од Договорот и за тоа Софија треба да сноси штета, а не награди. На пример, контра мерка со замрзнување на работата на Комисијата за историски прашања“, коментираше тој за Дојче Веле.

Вчерашниот ден несомнено донесе многу главоболки и во Брисел, но и на Западен Балкан. Граѓаните веќе покажуваат замор од темата евроинтеграции што се виде и во најновото истражување на Балкански барометар и Секјуриметар, чии резултати беа презентирани денес во Брисел, а кои изнесоа на виделина податок дека поддршката во земјите од Западен Балкан за европска интеграција бележи пад и сега изнесува 60 отсто.

Соња Крамарска