Грција дава целосна и силна поддршка за приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ и се залага за целосна имплементација на Договорот од Преспа и зајакнување на билатералната соработка, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на зедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров во Скопје за време на неговата прва посета на земјава.

– Радосен сум што сум тука, во прва посета на соседна Северна Македонија, која наскоро ќе стане партнер на Грција во НАТО и кандидат за ЕУ. Сигурен сум дека наскоро ќе ги почнете пристапните преговори. Ја имате целосната поддршка од Грција, рече Дендиас.

Оцени дека има драматично подобрување на билатералната соработката, која и натаму се развива со фокус на економијата, воената соработка, инвестициите, инфраструктурата, додавајќи дека таа минува преку Преспанскиот договор.

Конкретно за Преспанскиот договор рече дека има непредок во неговата имплементација, но има и доцнења во некои сегменти кои треба да се поправат.

На новинарско прашање дали е можно оспорување на Договорот од Преспа во двете земји, Дендиас рече дека ставот на актуелната грчка Влада е дека тоа е завршена работа и треба целосно да се импементира.

– Со мојата денешна посета со Димитров ја продлабочуваме и ја прошируваме соработката. Двете земји имаат заедничка корист. Треба да се погледне картата за да се сфати тоа. Имаме заедничка иднина и пат, ако гледаме добронамерно, додаде шефот на грчката дипломатија оценувајќи ја како особено позитивна денешната негова посета.

Министерот Димитров нагласи дека Северна Македонија смета на грчката поддршка на патот кон ЕУ, како на стратегиски партнер, сосед и пријател и најави дека наскоро ќе се одржи првата седница на комисијата за трговски марки, како и состанок на експертите за отворање на новите гранични премини меѓу двете земји и на комисијата за историски прашања.

И Димитров рече дека Договорот од Преспа е веќе дел од нашиот правен систем и мора да се почитува, без разлика на предвремените избори, но во согласност со самата содржина и текстот на договорот.

-Дали опозицијата има ист став е повеќе прашање за опозицијата, битно е да се знае дека договорот е дел од нашиот правен систем и важи правилото Pacta sunt servanda – договорите мора да се почитуваат. Добра вест е што јас сум убеден дека прашањето е реторичко или хипотетичко бидејќи нема да победи опозицијата на следните предвремени избори, рече Димитров.