Ништо од големите разрешувања што вчера ги најави Гоце Чакаровски заменик на министерот за здравство.

Министерот Арбен Таравари денес ги потпиша решенијата за само 4 директори и тоа:

Виктор Камнар на Клиниката за ортопедија, Наќе Гогов во болницата во Струмица, Илија Јовановски во болницата во Прилеп и Исмаил Бахити во Специјалната болница за белодробни заболувања во Лешок.

Министерот Таравари рече дека не брзаат и бараат што е можно подобри решенија.

На прашање на НОВА дали постојат меѓупартиски несогласувања бидеќи се оди споро со разрешувањата, тој рече дека нема несогласувања меѓу партнерите во коалицијата и дека треба да се оди полека, да не се избрзува и треба да се консултираат и лекарите и здруженијата на пациентите а партиската припадност на некој од нив е нивна приватна работа.

Најави дека приоритет е смената на директорот во Центарот за јавно здравје а неделава најави дека Владата ќе назначи нов директор на Фондот на здравствено осигурување.

Министерот не сакаше да каже кој ќе биде нов директор на Детската клиника и Клиниката за гинекологија. Овие две места се најспорни и за нив има најмногу шпекулации.