Во основниот суд Скопје 1 денеска ќе биде изречена пресудата во случајот „Ликвидација“, во кој судии, адвокати и обвинители се обвинети примање поткуп, злоупотреба на службена положба и овластување.
Обвинетите во „Ликвидација“ се во притвор веќе петти месец по ред. Меѓу нив и новинарот Кежаровски кој стана дел од обвинетите за напишан текст во списанието „Репортер 92“.
„Немам загрозено ничиј живот, само ја извршував својата новинарска работа. Преку моите текстови открив како функционира судството и како функционираат структурите во МВР. Ниту еден текст напишан во „Репортер 92“ не беше демантиран. Заштитениот сведок, не знам кога стана заштитен иако сум бил кај него дома и имам разговарано со неговото семејство, каде ми објаснуваше за полициските тортури кои ги доживувал и притисоците под кои давал исказ во полиција“, ова го кажа во завршните зборови новинарот Кежаровски во судница, пред десет дена.
Според Обвинителството тој го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ и така му го загрозил животот.
За неговиот случај веќе неколку домашни и надворешни фактори изразија голема загриженост.




