Членовите на меѓународната комисија која работи на новата истрага околу авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски неделава се во Македонија.
Владината служба за општи и заеднички работи, македонската навигација и агенцијата за цивилно воздухопловство ги отвараат архивите за меѓународниот тим на експерти.
Тимот е предводен од главниот истражител и претседател на Комисијата за воздухопловство при Министерството за сообраќај и комуникации на Босна и Херцеговина, Омер Кулиќ. Според извори од комисијата, нејзини членови деновиве биле во хангарот на аеродромот и вршеле увид на остатоците од „кингерот“, објавува Утрински весник.
Кулиќ најави дека тимот ќе провери се што 2004та било пропуштено. Меѓународните експерти ќе проверат како владината служба за општи и заеднички работи се грижела за авионот, како работела агенцијата за цивилно воздухопловство и дали биле запазени сите пропишани процедури.
Македонското обвинителство остана доследно до ставот дека станува збор за несреќен случај и оти причина за авионската несреќа е „пилотска грешка“ во сложени метереолошки услови.
Извори од тимот потврдуваат најголемиот дел од истражувањата се прават на босанско тло, каде на 26 февруари 2004 година во близина на местото Ротимље кај Мостар, животот го загубија поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски со соработниците и членовите на екипажот. За октомври се најавува и нова посета на меѓународниот тим што го истражува случајот „Трајковски“ во кој се вклучени експерти од Америка, Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.
Претседателот Трајковски, шест членови на македонската делегација кои требаше да присуствуваат на меѓународна конференција во Мостар, како и двајца членови на екипажот, загинаа кога, како што беше утврдено, авионот удрил во планина заради пилотска грешка.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски во јули минатата година во Сараево му презентираше на неговиот колега од БиХ Дамир Хаџиќ документ кој содржи нови моменти за несреќата.
Комисијата за испитување на причината за несреќата, формирана од Советот на министри на БиХ, тогаш заклучи дека причина за падот на авионот била процедурална грешка на пилотската екипа во фаза на слетување на мостарскиот аеродром. Но, адвокатот на семејствата на некои од загинатите тврдеше дека врз Трајковски е извршен атентат, а останатите членови на делегацијата се колатерална штета.




