И покрај тоа што македонската економија тоне во криза, владата инвестира огромни суми во проект за престиж: преобразба на главниот град Скопје со бомбастични палати и златни статуи, го пренесува Дојче Веле текстот на германскиот неделник Дер Шпигл.
Скопје има ново обележје. Околу 30 метри висок споменик со цена од 10,5 милиони евра. Споменикот на плоштадот Македонија во срцето на градот е исто толку автентичен како и изградениот Канал Гранде во Лас Вегас. Недалеку оттаму позираат други херои од турбулентната македонска историја, но не секогаш добро изработени, го опишува репортерот на Дер Шпигл новиот изглед на центарот на Скопје.
Преобразбата не е завршена. На бројни фасади можат да се видат скелиња: зградите добиваат нова „глазура“. Локалните медиуми ова дипломатски го нарекуваат „барок“ или „неокласицизам“. Архитектонските критичари говорат за „историски кич“.
Радикалната преобразба, владејачката национал-конзервативна ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува Скопје 2014. Официјално, проектот, во кој се вклучени и нов театар, згради на министерства и триумфална капија, чини 207 милиони евра. Според критичарите, тоа е невозможно. Тие сметаат дека псевдо-барокот чини најмалку двојно повеќе.
Се говори и за големи злоупотреби и прекршување на законот при доделувањето на договорите за изработка на спомениците. Но, македонските медиуми се претпазливи.
„Премногу критика може да ве чини работно место. ВМРО-ДПМНЕ веќе долго ги држи медиумите под контрола“, вели еден новинар, кој инсистира на анонимност. Монументалниот стил на Скопје 2014, не без причина, потсетува на авторитарен режим.
Натаму во текстот Шпигел информира и за случајот со затворениот новинар Томислав Кежаровски, затворените критички медиуми, како и за бројните критики кои македонските власти ги добиваат од претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ и од други медиумски организации.
Магазинот наведува дека економската состојба во државата не создава предуслови за изградба на триумфални порти – напротив. Се набројуваат огромната невработеност, која меѓу младите достигнува и 50 проценти, како и ниските плати со кои и оние кои работат едвај го преживуваат месецот. Се набројува и лошата состојба во болниците, како и на универзитетите. „Но Владата очигледно има други приоритети“, коментира Шпигл.
Со доза на иронија, Шпигл ги информира своите читатели за статуата на Прометеј, која најпрво била „разголена“, но подоцна добила гаќи.

Преку младите архитекти Боро Гаџовски и Филип Дубровски, Шпигл натаму ја раскажува историјата на постземјотресно Скопје и планот на јапонскиот архитект Кензо Танге за негова реизградба. Градскиот трговски центар е претставен како последен бастион на архитектурата од тоа време, кој денес го бранат десетици млади луѓе, противејќи се на тој начин на планот на владата да стави барокна фасада и на него.
На своите читатели, германскиот магазин им нуди и фотогалерија од проектот Скопје 2014. Во легендите под фотографиите се заклучува дека „уметничкиот концепт на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во најмала рака е пријателски настроен кон коњите“.




