32-годишната Еламина Спасова во Македонија дошла пред пет месеци. Од Драч во Албанија тука ја донела судбината. Се омажила за 40 годишиниот Милорад Спасов од Свети Николе. Вели дека животот овде е убав иако и недостига семејството. „Не сум ги видела пет месеци, разговараме преку скајп. Имам четири сестри и тројца браќа.
Едниот брат ми живее во Англија. Тука не е лошо, иако се нервирам затоа што не разбирам кога ми зборуваат. Но полека, полека, ќе научам“, раскажува Еламина, која тука во Македонија сите ја викаат Мими.
Таа е една од дестината невести што од почетокот на годината се вдомила во Свети Николе, откако општината најави дека ќе дава субвенции од 500 евра за сите ергени и девојки над 40 кои ќе решат да стапат во брак.
„Парите не ми беа главниот поттик, најмногу се оженив под притисок на татко ми. Двајца мажи во куќа не бива. Сега гледам дека жена дома си е благослов“, раскажува Милорад, сопруг на Еламина. Вели дека парите од општината се помош, но не го покриваат трошокот околу подготовката на целата документација.
„Јас подигнав кредит за женидбата. Таму отидов со посредник, ме однесе една госпоѓа што тука од порано е омажена. Трошоците ми беа некаде околу 3000 евра. Еден куп документација и тука и таму. Само еден лист ме чинеше по 600 денари“, раскажува Милорад.
Неговиот татко е задоволен од снаата. Но и се восхитува и на храброста да дојде во непознато. „Тоа е огромна храброст таа што го направи, да дојде тука на невидено на нечуено. Ни јазик знае, ниту јазик ние знаеме. Огромна храброст и смелост е потребно да се направи таков чекор. А за за домаќинка нема подобра од неа“, ја фали снаата Аранѓел Спасов.

И Зоран Јосифов од Свети Николе ги искористил субвенциите на општината. Тој на 46 години решил да стапне на лудиот камен. „Решив да се оженам уште пред една година, тежок стана ергенскиот живот, самотијата уште потешка. Не оти немав прилики и тука, ама некако не се сложувавме. Собрав храброст и со едни пријатели отидов во Албанија. Повеќе случајно, ми рекоа има тука една девојка, ај да се видиме и да се запознаеме. Се видовме и се бендисавме. Потоа нејзините дојдоа тука да видат каде живеам, што и како работам. По еден месец се заврши работата“, раскажува Зоран.
Тој вели дека во време на сиромаштија 500 евра добро доаѓаат, посебно затоа што тој и неговата сопрууга Едментина сега го реновираат заедничкиот дом.
Интерес за свадби покажале и други. „Јас знам дваестина мои пријатели, кои покажажуваат интерес. Сега прашуваат, а на нив е да си го преземат чекорот“, вели Милорад. „Мене ме прашуваат да им најдам невеста, ама јас со такви работи не се занимавам“, вели Зоран.

За градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев, новосклучените бракови потврдуваат дека одлуката што ја донела општината била правилна. „Добро е да им се помогне на луѓето и да се стимулираат да стапат во брак. Слушам дека кај некои веќе има и најави за принова, и сметам дека тоа е најдобриот начин да се бориме против белата чума и да го зголемиме наталитетот“, вели градоначалникот Тасев.
Додека во Свети Николе субвенциите почнуваат да имаат ефект во Лозово изгледа на ергените и момите не им се брза. Иако и оваа општина во февруари година донесе одлука сите ергени над 40 години и сите немажени девојки над 35 години да добијат по 20.000 денари ако одлучат да стапат во брак, сепак нема интерес од страна на жителите.
Дополнителна субвенција што ја дава познат бизнисмен се и 50 илјади денари за уредување на бањата и 50 литри ракија и 100 литри вино, но засега субвенцијата ја искористил само еден, иако во општината, според официјалната веб страница, има 98 ерегени над 40 и осум девојки над 35 години.
Според државната статистика лани во Лозово се склучиле 19 бракови, со развод завршил еден. Додека на заеднички живот во Свети Николе се одлучиле 104 парови. Патиштата им се разишле на 13. И двете општини и Лозово и Свети Николе, според Државниот Завод за статистика, лани имале негативен прираст. Во Лозово се родиле 31 деца, а починале 33 лица, додека во Свети Николе починале 180, а се родиле 167.



