Десетици поранешни американски полицајци и пожарникари се уапсени во рамките на истрагата за измами за добивање надомест, поради наводен инвалидитет и неможност за извршување на работа, поврзани со нападите од 11-ти септември 2001 година, пренесува „ВВС“.
Повеќето од нив лажно тврделе дека во терористичкиот напад претрпеле повреди или доживеале психички пореметувања, поради кои не се способни да работат. Се верува дека штетата која настанала поради ваквите измами изнесува повеќе стотици милиони долари.
„Ова е шокантно. Повеќето од обвинетите измислиле ментални болести како последица од нападот од 11-ти септември, со што ја извалкаа честа на оние кои тогаш први реагираа и се ставија во служба на градот, жртвувајќи ги своите животи и здравјето“, вели обвинител во Менхетн, Сајрус Венс.
Еден од учесниците во измамата тврдел дека се здобил со повреда на вратот, а потоа отворил студио за боречки вештини, додека друг навел дека страда од напади на паника и дека не е во состојба да излегува од куќата, а потоа на социјалните мрежи поставил фотографија на која се гледа како ужива додека вози скутер на вода.