Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ имаат намера да го уништат Специјалното јавно обвинителство и да ги запрат сите постапки, вели министерката за правда, Рената Дескоска, во врска со 65-те амандмани кои ги поднесе опозицијата за Законот за јавно обвинителство.
-Со тие амандмани се уништува СЈО, се уништуваат истрагите, предистражните постапки и постапките кои ги презело СЈО. Тоа не се амандмани кои можат да го подобрат текстот – изјави Дескоска за ТВ21.
Таа не е оптимист дека ќе биде постигнат договор со ВМРО-ДПМНЕ.
-Не сум многу отпимист во процесот, би сакала ВМРО-ДПМНЕ да ме демантира. Сепак не се откажуваме од процесот на разговори, но свесна сум за интересите кои ги имаат и дека се пред општите интереси на граѓаните – рече министерката.
Од ВМРО ДПМНЕ изјавија дека викендов во тек се партиски консулатции по што преговорите за СЈО ќе продолжат.
Вицепремиерот за европски прашања е оптимист дека договор е се уште можен. Иако не е утврден конкретниот датум за формалната четврта рута преговори меѓу политичките партии за новиот Закон за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, неформални комуникации има секој ден.
„Се уште има простор да се изнајде решение кое би ги задоволило сите страни и да се донесе овој закон со консензус.
„Очекувам да продолжат разговорите за да се постигне консензус по примерот на консензусот што се постигна со Законот за антикорупција и конфликт на интереси. СЈО е едно од трите основни столба на нашиот систем за борба против корупцијата и на нашиот обид за враќање на владеењето на правото“ рече Османи.
Тој наведе дека за овој закон се важни два основни принципи: автономија во функционирањето на едно вакво посебно антикорупциско обвинителство и завршување на сите индиции што се произлезени од прислушуваните материјали. Тоа се два основни принципа кои не смеат да се разводнат, рече Османи.




