Украинската војска денеска ги обвини проруските сепаратисти на истокот на Украина дека испалиле гранати во село во областа Луганск при што е погодена градинка. Во нападот, според наводи на војската, нема повредени. Претходно, проруските сепаратисти објавија дека украинската војска била таа која четири пати отворила оган во последните 4 часа на територија што е под нивна контрола. Засега не е познато дали има повредени или настрадани во тие напади.
Низ социјалните мрежи кружат фотографии и снимки од погодена градинка на која се гледа голема дупка во објектот, уништена фасада, како и расфрлани цигли по подот во просторија која е целосно уништена.
На подот се расфрлани и детски играчки, а во просторијата шета војник додека камерата снима што останало од градинката по гранатирањето.
Неколку часови претходно, бунтовниците од истокот го обвинија Киев за напад, пренесува „Ројтерс“, цитирајќи ја руската агенција РИА.
Агенцијата објави дека претставници на самопрогласените Доњецка и Луганска републики ги обвинија украинските сили за употреба на минофрлачи и митралези денеска, пренесува „Гардијан“.
Претставник на самопрогласената Доњецка народна република (ДНР) наведе дека единиците на Народната милиција на ДНР возвратиле со оган врз позициите на украинските сили кои ја гранатирале територијата на републиката.
Украинската страна, пак, ги негира таквите обвинувања.
„И покрај фактот дека нашите позиции се гаѓани со забранети оружја, вклучувајќи и артилерија од 122 мм., украинските сили не возвратиле како одговор, рече портпаролот за операции на украинските заеднички сили за „Ројтерс“.




