Осумте пратеници кои гласаа за да почне процесот за пристапување кон Уставни измени утре ќе се изјаснат дали ќе дејствуваат како независни пратеници или ќе формираат пратеничка група.
Од оваа група пратеници, Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека очекува да иницираат средба со него и да ја објaснат конкрeтно идејата за формирање на собраниската комисија за помирување за настаните од 27 април.
„ Идејата за формирање на телото е во контекст на подготвеноста на мнозинството во Собранието да се има општо помирување во односите помеѓу политичките партии застапени во Парламентот и пошироко и таа произлегува од самите пратеници. Иницијаторите досега не се обратиле до мене да се изјаснат во однос на основната идеја и замислата. Нивна беше волјата јас да го водам тоа тело, кажа денеска Претседателот на Собранието Талат Џафери.
Џафери потврди дека пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не биле присутни на вчерашната координација на која се дебатирало за комисијата за помирување.
„Јасна е определбата дека тие не се заинтересирани за општо помирување меѓу пратениците, што би се рефлектирало меѓу граѓаните, како поддржувачи на политичките партии“.
За барањето за закон за амнестија од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери напоменува дека пратениците имаат право да достават до Собранието ваков закон, но вели дека тие треба да објаснат која би била идејата на законот и што би придонел тој за нив и за имиџот и позицијата на Собранието.
-Не можам да прејудицирам која би била идејата на таков закон и во кој опфат би бил, но во секој случај секој пратеник има легитимно право да предложи закон, рече Џафери.
Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека законот за амнестија деновиве ќе биде доставен до Собранието и со него ќе се бара амнестија единствено за учесниците во настаните од 27-ми април.




