Државната Изборна Комисија едногласно го донесе роковникот за престојните претседателски избори, според кој се предвидува првиот круг на изборот да се одржи на 13 ти април, а доколку не биде избран претседател ќе се одржи и втор круг кој предвидено е да се реализира по 14 дена од првиот круг, односно на 27 ми април.
Изборната кампања започнува дваесет дена пред денот на изборите и ќе трае до 11 април.
Денот пред изборите е предвиден како ден за предизборен молк.
„Роковникот кој што денеска на седница го донесе ДИК составен е согласно изборниот законик и најновите измени што беа консензуално донесени во Собранието на Р.Македонија“, истакна претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, кој додаде дека јавниот увид во избирачкиот список ќе започне на 16 ти февруари и ќе трае до седми март.
Според роковникот листите на кандидати треба да се поднесат најдоцна 30 дена пред денот на изборите односно до 13 март 2014 година.
Лицата кои сакаат самостојно да настапат на изборите и кои ги исполнуваат сите услови предвидени со Закон ќе треба да соберат 10 илјади потписи во периодот од 16 февруари до 2ри март. За прв пат на претседателски избори ќе гласа и дијаспората.




