Државната изборна комисија (ДИК) денеска во 11 часот ќе одржи редовна работна средба за прочистување на избирачкиот список. Како што информираат за „Мета“ членови од ДИК, тие продолжуваат со редовна работа за целосна проверка на спорните гласачи.

Опозицискиот лидер Зоран Заев на вчерашната прес-конференција одржана по распуштањето на Парламентот, соопшти дека СДСМ нема да оди на уште едни, како што рече криминални избори на 5. јуни. Тој рече дека со неконстатирањето на оставките на министрите, тие се држат како заложници во Влада која до 5. јуни не може да спроведе веродостојни избори.

Дополнително, опозицијата денеска ќе одлучува дали ќе ги повлече своите членови од Државната изборна комисија.

Според Заев,  не се исполнети ниту минималните услови од Пржинскиот договор, бидејќи мнозинството членови на ДИК одлучиле воопшто да не се проверуваа спорните 124.000  гласачи. Нивните теренски проверски се до половина завршени, а власта во Собранието го одби и Закон за медиумите.

Вчера претседателот на ДИК Александар Чичаковски изјави дека нема да стави потпис на Избирачкиот список ако има дури и само еден спорен гласач.