На маргините на 85-от Меѓународен саем во Солун, денеска ќе се одржи специјалната конференција „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“ што ќе биде од затворен карактер, јавуваат грчките медиуми. На конференцијата ќе учествува вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Учество на форумот кој е во организација на алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис, најавиле претставници од сите земји од Западен Балкан.

Дискусијата е во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, а покрај Димитров, на покана на Варвициотис ќе присуствуваат и заменик – министерот за надворешни работи на Србија, министрите за надворешни работи на Црна Гора и Албанија, вршителот на должноста заменик – министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Косово и заменик – министерот за надворешни работи на Словенија, како земја претседавач со ЕУ, а еврокомесарот за соседство и проширување ќе се обрати со снимена видео порака.

При објавата на настанот, од Секретаријатот за европски прашања соопштија дека „преку учеството на вицепремиерот Димитров заедно со министрите за европски и надворешни работи од регионот, како и словенечкиот претставник на претседателство со Советот на ЕУ, ќе се дискутираат ставовите на земјите и граѓаните од Западен Балкан и ЕУ во однос на иднината на Европа“.