Никој нема право да го спречува изборот на граѓаните, изјави денес шефот на македонската дипломатија Никола Димитров за Дојче Веле по неуспешниот обид на министерот и премиерот Зоран Заев да го информираат претседателот Иванов за договорот со Грција.

„Во клучни времиња за државата, сите носиме историска одговорност. Дадовме сѐ од себе да создадеме можност граѓаните да добијат право на избор. Без разлика на политичката цена, спремни сме да ја преземеме одговорноста. Никој нема право да го спречи тој избор. Никој нема право да одлучува во името на граѓаните.
Ќе не биде… и покрај Иванов“, вели Димитров за Дојче Веле.

Средбата со Иванов траела две минути, соопшти кабинетот на претседателот. Иванов само побарал да ја остават писмената верзија на договорот.

Потоа владината прес служба испрати соопштение во кое се вели дека Заев и Димитров имале конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но “претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина”.

-Владата на Република Македонија ги повикува сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Граѓаните конечно добија шанса да испишат ново поглавје во историјата на нашата земја и никој нема право да ги спречува да ја донесат вистинската одлука за македонската иднина, се вели во соопштението.