По повлекувањето на премиерот Никола Груевски од функција премиер, на негово место нема да застане ниту еден функционер од ВМРО-ДПМНЕ кој во моментов извршува министерска, пратеничка или некоја друга значајна политичка функција, туку на негово место ќе застане лице кое не е на таква функција, истакна Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во вестите на Канал 5 , кој беше директен учeсник во преговорите во резиденцијата на еврокомесарот Хан.
– Ова е системско решение кое што ќе влезе во македонското законодавство и ќе важи не само за овие избори, туку ќе важи за сите наредни парламентарни избори. Тоа значи дека доколку премиерот кој што бил премиер во претходниот мандат повторно се натпреварува и е прседател на партија, пред избори ќе треба да се повлече во рок од 100 дена.
Партијата ќе си постапува врз база на статутарните одлуки да одлучи кој ќе биде тој човек кој што ќе ја раководи Владата во тие 100 дена, но можам да потврдам дека ниту еден функционер од ВМРО-ДПМНЕ на министерска, пратеничка или значајна политичка функција којашто сега ја обавува нема да биде тоа. Односно ќе биде лице кое што не обавува таква функција, рече Димовски.




