Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ денеска обелодени како што рече сомнителен и коруптивен скандал во кој директно е замешан потпретседателот на СДСМ господинот Дамјан Манчевски, како и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски – Циц.
– На 28.01.2011 година склучен е договор за јавна набавка помеѓу општинското јавно претпријатие Куманово-паркинг и извесна фирма од Белград со име Метропаркинг ДОО.
– За информација, директор на општинското јавно претпријатие Куманово-паркинг во моментот на склучување на договорот бил Трајко Трајковски, назначен од страна на градоначалникот Зоран Дамјановски – Циц. Овој директор е познат во Куманово по тоа што целиот работен век го поминува на високи партиски функции во СДСМ и СКЈ, но и државни функции. Фирмата Метропаркинг ДОО од Белград е приватна фирма во сопственост на повеќе лица, меѓу кои и извесен Дејан Симиќ.
– Во Република Македонија постои фирма Метропаркингплус ДОО Скопје основана на 16.06.2010 година. Во скопската фирма еден од оснивачите е и веќе споменатиот Дејан Симиќ од Белград.
– Факт е дека Метропаркинг ДОО Белград е капитално поврзана со Метропаркинплус ДОО Скопје. Двете фирми имаат ист еден од оснивачите и сопствениците.
– Еден од сопствениците на скопската Метропаркингплус ДОО Скопје од самото основање, па и во моментот на добивање на тендерот од општинското јавно претпријатие Куманово-паркинг, на 28.01.2011 година, е потпретседателот на СДСМ, господинот Дамјан Манчевски.
– Според јавно достапните документи Дамјан Манчевски е сопственик на фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје во моментот кога фирмата Метропаркинг ДОО од Белград го добива тендерот за стопанисување со паркинзите во град Куманово, каде градоначалник е Зоран Дамјановски – Циц од СДСМ, соопшти пред новинарите Димовски.




