„Радмила Шеќеринска вчера не даде одговор, туку дополнително се заплетка себе си и за жал и својот сопруг. Ние не сме сигурни дека таа беше свесна што всушност кажа“ рече денеска пред новинарите Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ.
– Радмила Шеќеринска вчера ни кажа дека таа и нејзиниот сопруг добиваат 5.317 евра за кирија од фирмата во која работи нејзиниот сопруг за стан кој е во нивна сопственост и во кој живеат. Кирија наплаќаат за сопствен стан заради тоа што самите живеат во него. Замислете да живеше Шеќеринска во туѓ стан. Колкава кирија ќе наплаќаа? 10 000 евра? 15 000 евра?
>>Шеќеринска: Јас одговарам пред јавноста, а ДПМНЕ се крие
– Прво, која е пазарната логика и пазарната цена за изнајмување на стан во Скопје, па макар тој бил и екстра голем, како оној на Шеќеринска од 178 метри квадратни, па да биде изнајмен за цели 5 317 евра месечно? Таква висока кирија во Скопје за стан, па и за куќа не постои. Ова е најскапата кирија што може да се сретне во целата држава. Како е дојдено до оваа цена? Врз основа на кои параметри? Зошто фирмата во која работи нејзиниот сопруг би плаќала 5 317 евра месечно кога за ист таков стан може да плаќа не повеќе од 800 евра? Дајнерс е профитна фирма или добротворно друштво задолжено за луксузниот живот на госпоѓа Шеќеринска?
– Второ, како тоа е возможно сами да издавате сопствен стан за да живеете во него? Каде го има тоа? Кој друг човек во оваа држава го издава сопствениот стан, наплаќа енормно голема кирија, за сам да живее во него? Радмила Шеќеринска мисли дека сега сите граѓани треба да и веруваат. По нејзината логика, секој човек што има сопствен стан треба да наплаќа кирија од фирмата каде што работи заради тоа што живее во сопствениот стан.
– Трето, со киријата која ја наплаќаат за овој стан, тие всушност за три години и четири месеци ја добиваат сумата која ја платиле за да го купат овој стан. Нема пазарна логика. Ова госпоѓо Шеќеринска не врви. Вакви приходи не се остваруваат ниту од бунар за нафта, а не па од издавање на стан на самиот себе си, рече Димовски.




