Директорката на Домот на деца без родители „11 октомври“ Ристенка Атанасова не ја негира снимката која синоќа ја објави опозицијата, ниту пак смета дека е монтирана.
Атанасова смета дека нема ништо спорно во разговорот со Миле Јанакиески каде што договараат колку деца кои веќе не се во Домот ќе дојдат да гласаат на изборите.
„Нешто сакаше да се изврти. Во изјавата никаде не стои дека децата ќе гласаат за ВМРО ДПМНЕ, туку да излезат да гласаат што е нивно законско право, а ние им помагаме финансиски за да дојдат да гласаат“, изјави директорката Рисенка Атанасова за НОВА.
Таа не гледа ништо спорно што за ова разговара со еден министерот од владеачката партија.
„Не прашав во која функција ми се јавил Јанакиески, веројатно затоа што беше координатор за гласање во Центар. Секој можел да ми се јави, можеле да ми се јават и од СДСМ. Јас ќе го почитувам тоа без разлика од која партија да ме бараат“, рече Атанасова.

Од друга страна Илија Јовановиќ од здружението на деца без родители кој беше спомнат во телефонскиот разговор, бара извинување од директорката Атанасовска бидејќи како што вели е злоупотребен, а немал дадено никакви списоци од деца. Таа во телефонскиот разговор, на Јанакиевски му вели дека ќе побара помош од Илија да и ги даде имињата на децата кои веќе не живеат во Домот.
„Барам јавно извинување од директорката Атанасова, во спротивно ќе поднесам кривична пријава против неа, особено ако се злоупотребени списоците на децата кои сега живеат под кирија“, изјави Илија Јовановиќ претседател на здружението „Градиме иднина“.
Еве како течеше разговор помеѓу Миле Јанакиески и директорката на Домот Ристенка Атанасовска.
РА: Еее вака сега министре, прашав еднаш во домот јас нели блиску и живеам. Имаме значи две деца што имаат лична карта на Скопје тие ќе гласаат тука во домот, тоа се Колев Виктор и Елизабета, другите имаме уште 6 дечиња што се полнолетни меѓутоа и они сакаат ако им се плати патот би оделе да гласаат за Груевски буквално така викаат
МЈ: Оти патот ако им се плати?
РА: Има едно дете во Виница… три во Куманово, едно во Гостивар и едно во Охрид
МЈ: Вака вака кажи му ќе му платиме нека си дојдат со сметките со сметко потврда ќе му рефундираме пари лично
РА: Не јас и од домот ќе им платам само да знаете ви реферирам дека 6 деца ќе ги пуштиме нека одат да гласаат на место на живеење кај шо имаат лични карти…
МЈ: Ти ми одговараш за 8 гласачи ајде.
РА: А за овие двете ќе гласаат тука да.



