Од почетокот на следната година најверојатно ќе се снима во автобусите на ЈСП за да се помогне во идентификувањето на насилниците, соопшти директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Мишо Николов.
Директорот на ЈСП – Скопје најави и вработување на нови четири до шест контролори кои ќе бидат ангажирани на поризичните линии, меѓу кои оние накај општина Сопиште, кај Хемиското и ПТТ училиштата.
За насилничко однесување досега се пријавени 207 малолетници, од кои 35 се гонат кривично, додека 172 нивни врсници заработиле прекршочни пријави. За првите шест месеци од годинава, без последните инциденти, регистрирани се 9 напади врз возачи и 15 инциденти, најчесто тепачки меѓу средношколци. Ова според директорот на ЈСП претставува влошување во однос на минатата година, кога се евидентирани осум напади врз возачи и 12 тепачки меѓу средношколци.
Пилот проектот денеска го промовираа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ.
Со овој проект којшто финансиски е поддржан од мисијата на ОБСЕ во РМ, во оваа почетна фаза ќе бидат опфатени сите средношколци на подрачјето на скопските општини Кисела Вода, Гази Баба и Ѓорче Петров. Притоа предвидено е одржување на едукативно-превентивни работилници посеветени не само на феноменологијата на насилството туку и за конкретните законски последици од ова девијантно однесување.
СДСМ: Бараме Груевски и Јанкулоска да кажат кој злоупотребува деца и за чии цели?
СДСМ инсистира власта што побрзо да направи точна проценка за причините на инцидентите и за тоа да ја информира јавноста. Очекуваме МВР да испита дали инцидентите се случајни или има други мотиви за нив и злоупотреба на деца?
Бидејќи самиот премиер Груевски рече дека инцидентите се случуваат пред секој важен состанок на ЕУ, бараме Груевски и Јанкулоска да кажат кој злоупотребува деца и за чии цели?
Колку е сериозна ситуацијата со тепачките во автобусите говори признанието на директорот на ЈСП Скопје, дека само за првите 6 месеци од оваа година се случиле повеќе инциденти, колку што биле вкупно регистрирани лани.
По речиси секојдневните инциденти во автобуси последниве две недели во коишто настраданите се главно деца, СДСМ бараме МВР да гарантира безбедност на патниците во автобусите.




