Директорот на Музејот во Велес Петре Костов ги украл двете монети „тетрадрахма“ од времето на Александар Македонски и една филигранска белегзија, кои летово исчезнаа од фиоката на археологот додека беше на специјализација во странство. Ова го откри велешката полиција по истрагата и одземените отисоци од вработените во Музејот, јавува Телма.
Полицијата против Костов поднесе две кривични пријави за сторени кривични дела кражба и злоупотреба на службена положба. За расветлениот случај со кражбата на артефактите во локалната културна институција денеска изјава даде градоначалникот на Велес. Чадиев рече дека информацијата за осомничениот директор ја дознал од новинарите.
Неофицијално, директорот Костов тврдел дека е колекционер на убави предмети па затоа ги земал, но ги вратил веднаш штом полицијата го притиснала. Сега се повторно во Музејот, а тој се` уште раководи со институцијата. Градоначалникот Слачо Чадиев не презема ништо додека не добие официјалното известување.
Инаку Костов се додека не стана менаџер не беше вработен во велешкиот музеј. Иако неговиот мандат не е поминат, најверојатно ќе се соочи со суспензија од функцијата поради поднесените кривични пријави за кражба и злоупотреба на службената положба.




