Сопругата на Мирослав Шиповиќ, Дивна, за НОВА ја коментираше одлуката за домашен притвор на претседавачот на Општина Центар за случајот Машинопромет, за кој се води судска постапка против Шиповиќ.
-Ја поздравувам одлуката на Судот што ја смени досегашната мерка затворски притвор во домашен и среќна сум заради тоа, изјави Дивна Шиповиќ.
Образложението на судот за оваа мерка беше соопштено денеска:
-Претседателот на Судечкиот совет кој го води предметот К.бр. 32/14 во јавноста познат како „Претседавач“ при Основниот суд Скопје 1 – Скопје по службена должност донесе одлука на обвинетите М.Ш., В.Д., С.Г., С.Т. и на Н.Ш. мерката притвор да им ја замени со мерка куќен притвор, со оглед на тоа што обвинетите досега не се осудувани, не се води друга постапка против нив, а воедно покажале и примерно однесување во текот на досегашната постапка. На денешното рочиште својата одбрана ја јаде деветто обвинетата С.Г. Следнот рочиште е закажан за 27.05.2014 година во 09 и 30 часот со сослушување на обвинетиот С.К.
Мирослав Шиповиќ откако беше прогласен за осомничен, лани во октомври, го прекина својот престој во САД каде се наоѓаше во посета на својот син, а од виенскиот аеродром беше екстрадиран во Скопје.
На новинарско прашање за коментар на одлуката на судот, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, изјави:
– Оваа одлука на судот е уште доказ дека ВМРО – ДПМНЕ преку судовите си игра со човечките судбини. Господинот Шиповиќ воопшто не требаше да биде притворен, бидејќи истиот како што знаете самиот се врати да се соочи со обвинението.
Општина Центар ја поздравува одлуката на Судот да го пушти во домашен притвор Претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ.
На денешното рочиште, Основниот Суд 1 одлучи да ја преиначи одлуката за притворот во истражниот затвор “Скопје“ и да го замени со домашен притвор, што значи дека Претседавачот Мирослав Шиповиќ во иднина ќе учествува во работата на Советот на општина Центар.




