„Се пука во Куманово, тргнувај веднаш“- со oвие зборови многу уредници ги разбудија снимателите, фоторепортерите и новинарите некаде пред 7 часот тоа саботно утро, на 9 мај минатата година.

Набрзина ја “собрав” новинарската легитимација, фотоапарат и со колегите од Радио Слободна Европа Срѓан Стојанчов и Зорана Гаџовска тргнавме кон Куманово. Наивно помисливме дека Диво Насеље е приградско село во Куманово или некоја подалечна населба.

На влезот во Куманово го побаравме фоторепортерот Роберт Атанасовски кој веќе беше пристигнал за да ни даде насоки како да го најдеме местото. Се изненадивме кога видовме големи густи црни облаци од чад, а чувме и силни пукотници, но сепак, си велевме, сигурно е некаде подалеку.

„Тука сме кај пазарот, тука е тоа, паркирајте“, рече Роберт. (Како и секогаш, фоторепортерите се секаде први. На шега ги нарекуваме екипи за брзи интервенции)

Пеколно утро во срцето на градот

Шокот беше неизбежен, особено кога излеговме од автомобилот. Пукотниците доаѓаа од населбата над пазарот. Среде градот. Улицата кон пазарот, којашто без исклучок е најраздвижената улица која многу потсетува на врвулиците на скопски Битпазар, овојпат беше празна.

Долж улицата на секое помало уличе кое можеше да претставува можен влез кон Диво Насеље беа распоредени оклопни возила и силно вооружени полицајци од специјалните единици. Нивната задача беше да спречат влез кон местото на конфликтот.

Случајно, искористувајќи го невниманието на полицијата, преку едно дворче успеавме да влеземе во населбата. Се движевме внимателно бидејќи немавме заштитни елеци и шлемови. Жителите претежно беа затворени во своите куќи бидејќи експлозиите кои ги слушавме беа заглушувачки,но, поважно, беа неверојатно блиску. Имаше и такви, пољубопитни кои излегуваа во дворовите.

Едно семејство не покани на кафе. Нивната куќа беше на педесетина метри од жариштетот на конфликтот. Раскажуваа како ги разбудиле пукотниците, како полицијата бркала луѓе низ дворовите и претресувала луќии и како веќе три часа не прекинува огнот. А што се случува не знаеја ни тие, ни ние.

Херметички затворена вистина

И денес, по речиси 10 месеци од еднодневната војна во Куманово во којшто загинаа 8 полицајци, а 37 беа повредени, никој нема јасен одговор што точно се случи и зошто ни се случи Куманово.

Зорана, Срѓан и jaс бргу сфативме дека нема шанси да се доближиме до огнот. Ниту беше безбедно, но ниту пак дозволено новинари да го преземат тој ризик врз себе, се разбира, без да и пречат на полицијата да си ја врши работата.

Набргу се спуштивме надолу, на главната улица каде што спроти влезот на пазарот во единствената отворена чајџилница седеа новинарските екипи. Дотаму беше дозволено. На влезот, пак, спроти нас, беа поставени полициски пунктови кадешто Брзата помош стоеше на готовс и ги преземаше повредените полицајци кои со оклопни возила беа довезувани одозгора од населбата. Експлозиите не прекинуваа, а во неколку наврати престрелките беа толку блиску до пазарот, што ги гледавме пред нас.

Се храневме со скудните информации кои ги добивавме од полицијата, по нешто од болниците, иако, рака на срце, и ние се информиравме претежно од колегите од провладините новинари кои имаат поголем (и ексклузивен) пристап до функционерите во Министерството за внатрешни работи. Резервирана вистина. Ама чија?!

Освен нас, пред чајџилницата беа насобрани и голем број жители на Куманово. Ги имаше и Албанци и Македонци. И тие сакаа да ја чујат вистината – кој го направи ова? Лидерите на партии, особено Али Ахмети се чини дека беше најнепожелната личност во Куманово во тој момент. Некаде пладнето проструи информација која подоцна се покажа неточна дека тој планира да дојде во Куманово.

Не се опишува бесот на лицата на луѓето од Куманово кога го чуја ова. Во деновите кои следеа веќе беше јасно – граѓаните на Македонија не наседнаа на етничките провокации кои доаѓаа од одредени медиуми кои често ја играат улогата на агенти-провокатори секогаш кога на владејачката коалиција ќе и затребаше по некој проблем за решавање и дефокусирање од реалноста.

„Скендербер имал да јаде, исто и Александар Македонски, а јас и братов сме гладни. Доста ни е веќе од лаги и кавги“, ова и го рече еден Албанец во чаршијата кој седеше со соседот Македонец на една американска новинарка која јас лично ја придружував и којашто имаше проблем да биде разубедена дека во моментов во земјава, по Куманаво, последиците не беа етнички тензии.

Официјалите информации наспроти шпекулациите

Поминавме три дена во Куманово. Првиот ден беа борбите помеѓу полицијата и вооружените групи, вториот обвинителите вршеа увид, а третиот ден новинарските екипи беа пуштени да снимаат во епиценттарот на конфликтот. Следеа шокантни снимки од разрушените куќи и изјави во солзи на жителите кои за време на конфликтот беа фатени во стапица во своите домови. Сите тие не ја криеја благодарноста кон специјалните единици на полицијата кои не дозволија ниту влакно да им фали.

Навистина, беше чудесно како овие луѓе останаа живи среде тој хаос. Една од жените, се уште паметам, не можеше да зборува од непрестајно липање оти откако им паднал кровот од куќата каде што се криеле, полицаецот кој дошол да ја спаси и на раце ја носел на безбедно бил погоден со куршум во грбот. Тој ден се погребуваа и загинатите полицајци, а Македонија повторно беше во свиделот на траумите и тегобоста која ја носи несигурната иднина.

На 10 мај Министерството за внатрешни работи по завршувањето на борбите, на 10 мај излезе со изјави и со соопштенија дека е ликвидирана „една од најопасните терористички групи на Балканот“, којашто планирала напади на државни институици. Нападите сакале да ги вршат во Скопје. Се паметат и солзите на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Во деновите што следеа имаше уште многу конфузни и оскудни информации, а полицијата објавуваше и видеа од приведените. Но, повремените видеа и соопштенија не можеа да изглумат транспарентост – тоа беше време на молчење.

Во продолжение прочитајте го прегледот кој го подготви агенцијата „Мета“, а кој ги содржи официјалните информации и шпекулациите кои се плетеа околу случајот „Диво Насеље“.

Официјалнoтo

• Загинати осум припадници на специјалните полициски единици и 37 повредени;

• Криминално-терористичката група броела четириесетина членови;

• Во борбите со полицијата убиени се 10 членови на групата (оваа бројка, која ја соопшти Обвинителството е контрадикторна со таа со која излезе МВР, според кое во Диво Насеље биле пронајдени безживотните тела на 14 терористи);

• По борбите на полицијата ѝ се предадоа 28 терористи;

• Како водачи на групата се идентификувани Мухамед Красниќи, таканаречен командант Малишева, Мирсад Ндрецај, таканаречен командант Нато, Сами Укшини, таканаречен командант Соколи, Бег Ризај, алијас командант Бегу, и Деме Шеху, алијас Јунику;

• Групата повеќе месеци била следена од безбедносните служби;

• Истата група е одговорна за нападот на караулата Гошинце на 21 април;

• Групата планирала напади на државни и на цивилни цели;

• Во околината на селото Брест, во бункер на отворен простор е пронајдено украденото оружје од караулата Гошинце (местото го посочил еден од уапсените во акцијата во Куманово, кој, според информации на медиумите, што надлежните ниту ги потврдија ниту ги демантираа, успеал да ѝ побегне на полицијата;

• Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју во емисијата „Патот кон…“ на „Алсат-М“, рече дека учествувал во преговорите за предавање на групата;

• Еден од уапсените со терористичката група е вработен во Министерството за внатрешни работи (надлежните ја потврдија оваа информација по прашања иницирани од медиумите);

• Агенцијата за разузнавање информира дека за случаите во Гошинце и во Куманово, „во однос на намерите на водачите на терористичката структура, нивни капацитети, логистички бази, курс на акција на непријателот од страна на Агенцијата направено е рано предупредување во рамки на своите надлежности, во согласност со Законот за Агенција за разузнавање.

Шпекулации

• Припадници на македонските тајни служби контактирале со членови на групата месеци пред настаните од 9 и од 10 мај;

• Косовската разузнавачка агенција ги информирала претседателката Атифете Јахјага и премиерот Иса Мустафа за можноста за инцидент во Куманово;

• Се споменуваат имиња на македонски политичари, агенти и функционери кои биле вклучени во инцидентот во Куманово;

• Косовската полиција преку преслушувани разговори открила дека кумановската група планирала напад на косовскиот затвор во Подуево и ослободување на двајца озлогласени криминалци;

• Борбите во Куманово биле договорено сценарио зад кое стоело предавство на членови на групата;

• Плановите за Куманово биле правени во автомобил „бе-ем-ве“ во Урошевац;

• Ноќта пред акцијата биле евакуирани 70 отсто од населението во кумановското Диво Насеље;

• Ситуацијата излегла од контрола кога членови на групата почнале да пукаат на полицијата;

• Стојанче Ангелов неколку недели пред нападот на караулата Гошинце, на еден од протестите пред МРТВ, рече дека, според негови информации, криминална група добила 2 милиони евра од македонските власти да предзвика вооружени инциденти во Липковскиот регион.

Ова беа шпекулациите кои кружеа месецот непосредно по случувањата во Куманово. Многу од нив доаѓаа од косовски медиуми, а по нешто и од бугарски, но и од македонски портали со дискутабилен кредибилитет. Се објавуваа и анонимни писма од припадниците на единицата „Тигри“ во коишто се тврдеше дека полицајците кои тоа утро дошле во Куманово во многу мал број, всушност, биле пратени на заплена на дрога, а не во борба со терористи.

Овие информации кореспондираа и со многу од изјавите на жителите кои се најдоа во жариштето, а кои тврдеа дека виделе две-три комбиња и најмногу 10 полицајци, а дека засилувањeто дошло многу многу подоцна. Јанкуловска и МВР никогаш не навлегоа во расветлување на овие шпекулации иако новинарите бараа одговори.

Во истрагата како обвинети завршија 29 лица, а се товарат за тероризам и за нарушување на уставниот поредок на државата. За време на судирите со полицијата, десетмина од групата беа убиени во престрелките.

Утре, пак, следува првото рочиште или првиот ден во случајот кој претендира да биде еден од поголемите судски спектакли во периодов. Многу од информациите ќе бидат класифицираи и јавноста веројатно ќе се потпира на изјавите на адвокатите. Насер Рауфи, адвокат на обвинитетите, веќе ја фрли првата јадица кога пред извесно време изјави дека „најверојатно зад овој случај стојат повеќе тајни служби“.

Денес, по толку време, чувството кое го споделуваме јас, Зорана и Срѓан, но и многумина од нашите колеги, е дека сите детали, снимки и сплетки не не однесоа таму каде што сакавме – да ја дознаеме и истражиме вистината. Денес знаеме исто толку колку оној ден кога ја паркиравме колата во едно сокаче во центарот на Куманово, тоа сончево и пеколно утро кое веќе ги имаше избројано и првите загинати во еднодневната војна.

Преглед на обвинението

Помеѓу 29-те обвинети има македонски државјани, државјани на Косово, еден Албанец со германски пасош и војник-инструктор од Албанија кој живеел во Урошевац, Косово. На сите обвинети им беше определен притвор. Помеѓу нив се и Мухамед Красниќи, алијас командант Малишева (личноста со која Али Ахмети тврдеше дека преговарал на 9 мај) и Сами Укшини, алијас командант Соколи.

Поголемиот дел од обвинетите имале претходни кривични досиеја и во Косово и во Македонија за извршени киднапирања, закани, убиства и шверц со оружје. Малишева е осомничен за две убиства на Косово. Ваљдет Зекај е обвинет за две убиства и уште дваесет други кривични дела.

Во Куманово беше уапсен и Неџбедин Лика, осуден за убиство во Тетово извршено пред 12 години. Тој е братучед на пратеникот Хазби Лика.
Албанскиот државјанин Генц Сефа бил инструктор во групата и експерт за експлозиви, а германскиот Енвер Клеин пукал со снајпер во Диво Насеље.

Според адвокатот на одбраната, во судскиот процес ќе се појават сведоци од македонските тајни служби – лица чии имиња биле споменувани во извештаите дека наводно имале средби со групата на Мирсад Ндрецај, којшто заедно со Бег Ризај загина во судирот на 9 мај.
.