Министерот за одбрана на Република Македонија Талат Џафери, денеска во Атина се сретна со неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос, со кого, меѓу другото, потпишаа и Протокол за соработка меѓу двете министерства за 2014 година.
– Оваа средба е од посебно значење за односите меѓу нашите две министерства. Оваа средба денеска покажува дека нашите институции имаат капацитет да ги надминеме сите проблеми што се на патот на комуникација, рече Џафери по средбата, пренесува МИА.
Тој нагласи дека потпишувањето на Протоколот за соработка за 2014 година, како програма за соработка за оваа година, е уште еден показател дека министерствата и соодветните армии можат да изнајдат сила за да ги надминат сите проблеми во односите кои што ги имаат државите.
– Јас сум убеден дека основата за разговори за изнаоѓење решение за проблемот кој што стои меѓу нас околу името на државата е тема која што во иднина би требало да се интензивира меѓу соодветните институции, и во тој контекст можам да констатирам дека во разговорите што ги имавмее меѓу двете делегации, уште еднаш заклучивме дека тој проблем не е пречка ние да ги продлабочиме и да ги прошириме сите елементи на соработка меѓу двете министерства, нагласи македонскиот министер за одбрана.




