Шефот на бугарската дипломатија Кристијан Вигенин на средба во Брисел со еврокомесарот Штефан Филе го информирал за текот на преговорите меѓу Бугарија и Македонија за договорот за добрососедство и за позицијата на Софија во врска со отворањето на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ.
Бугарското МНР денеска соопшти дека на средбата била разгледана и иницијативата за соработка меѓу Европската комисија и земјите од Западен Балкан, како можност за интензивирање на реформите во регионот. Детали за содржината на разговорите Вигенин – Филе не се соопштуваат, јавува МИА.
Бугарскиот весник „Труд“, пак, во контекст на разговорите Вигенин – Филе пишувадека позицијата на Софија во однос на Македонија останува непроменета – Бугарија не се согласува Скопје да добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ се додека не биде потпишан билатералниот договор за добрососедство.
Весникот наведува и дека последната рунда бугарско-македонски преговори за договорот се одржале на 17 септември и оти било договорено двете страни да работат на взаемно прифатливи решенија во однос на спорните прашања.




