Пишува: Ненад Величковиќ
Странец на службен пат на кој обврските му оставаат само неколку часа за прошетка низ Скопје може многу лесно да стекне погрешен впечаток за главниот град на Македонија – на пример… дека тука кокаинот се користи како замена за шеќерот во прав. Така всушност изгледа центарот: како урбанистичка визија на некој „нафиксан“ архтект на кој мозокот му се претворил во пивтија!
И дека истиот сив желатин трепери и во главите на градската управа, инаку со таа визија би се занимавале психијатри, а не запрепастените граѓани и медиуми од целиот свет.
Македонија не е богата држава. Селата и градовите на нејзиниот исток буквално изумираат. На нејзиниот запад не е баш јасно каде е државната граница, иако на картите е прецизно нацртана, баш како што е меѓу Русија и Украина. Патиштата се лоши. Индустријата е на колена. Невработеноста е огромна (речиси 40 отсто, кај младите преку 50 отсто). И што демократски избраната власт нуди како решение? Вардарска верзија на ласвегашката архитектура и центар на градот претворен во музеј.
Странец стои на стариот Камен мост, се врти околу себе, и пее: Еве го Скопје, еве лудило. Додека се врти, околу него се вртат помпезни зданија, со столбови и куполи, слични на хипертрофираните вили на скороевиќите. Кога ќе запре, како стрелка на компасот во правец југозапад, пред него е Плоштадот и на среде плоштадот голем споменик на Александар Велики. Читателот кого го мрзи сега да бара по интернет галерии со слики на ова чудовиште, нека замисли еден џиновски дебел бетонски столб, и на него горе округла платформа, нешто налик на вентил на труба, или уште подобро, на хелиодром на кој наместо хеликоптер слетал коњаник висок 22 метри.
Тој клинолик постамент е втемелен во средината на кружна фонтана, во која прскаат млазеви вода од нејзината обиколка. Од време на време протекува вода и од млазниците во платформата, создавајќи околу целиот столб водена завеса, која ноќе, кога во платформата се пали лајт-шоу, ги менува боите во сладоледни нијанси. Неколку лавови со предните шепи се потпреле на крајот на фонтаната и гледаат во столбот пред себе, украсен со прстенести релјефи со антички мотиви.
Коњаникот на врвот е Александар Велики, во воена опрема, со високо подигнат меч. Годината е 2014, 21. век е, Македонија е воена лелесила, но ете со што нејзината власт одлучува мирољубиво да ѝ мафта на иднината – со сечиво. Ете зошто национализмот е болест, умствено пореметување, невроните се врзани во Гордиев јазол, прекин на комуникацијата меѓу мозокот и стварноста.
И само неизлечиво болен човек може да верува дека на овој карусел без автомобилчиња, коњчиња, кочии и еднорози, на кои би врискале веселите деца, вреди да се потрошат 10 милиони евра. А зошто? За македонската цврста шака да го истакне своето наследно право на пенисот на Александар Македонски, бранејќи се од приговорите за високата цена на таа мастурбација – со туризмот.
(Целиот текст можете да го прочитате на Дојче веле)




