Партијата ДОМ денеска преку псимена реакција бара од надлежните институции во земјава итно да ја решат хуманитарната катастрофа во бегалскиот камп Табановце, каде се затечени над 1.000 бегалци по затворањето на балканските и европските граници.
„ Мора да им се помогне и на илјадниците бегалци затечени во тампон-зоната меѓу Грција и Македонија, преку заедничка солидарна помош од двете земји, зашто за луѓе се работи! Тоа е најмалку што треба да се направи за да им се олеснат маките на овие измачени луѓе, кои како да ги заборавивме, затрупани со секојдневни шокантни дневно-политички настани.“, се вели во соопштението.
ДОМ истовремено бара одговор од Владата дали се точни шпекулациите што се појавија во јавноста дека се побарани гумени куршуми и слични „средства за одбрана“ на границите од австриската влада.
„Апсолутно сме против примена на вакви нехумани методи против луѓе кои бегаат за да спасат гол живот, со иста жестина како што бевме против внесувањето на вакви одредби во законската регулатива.
Со жалење констатираме дека оваа масовна бегалска криза ги остави без вистински одговор многу земји кои се идентификуваат со високи норми за човековите права и слободи, а на површината излегоа сите стравови и предрасуди. Се покажа по кој знае кој пат дека на светот му недостигаат долгорочни стратегии за постигнување одржлив мир, стабилност и економски просперитет, како и сериозни заложби за нивно спроведување, во духот на конвенциите на Обединетите нации.“ се вели во соопштението.
Инаку од синоќа на полноќ нема прием на нови бегалци и мигранти во Прифатниот центар во Гевгелија.
Ова е резултат на одлуката на Словенија, Србија и Хрватска да не примаат повеќе бегалци без валидни визи и пасоши согласно одлуката за примена на новиот режим во Шенген зоната, што практично ја затвори балканската рута.
Во кампот во Табановце во моментот престојуваат 1.050 луѓе и заедно со тие од меѓузоната вкупниот број на бегалци изнесува 1.500 луѓе. Од УНХЦР велат дека не е проблем храната, ќебињата, туку условите кои с е многу тешки, бегалците се наоѓаат на отворено, на дожд и студ.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски неколкупати изјави дека Македонија сите мерки околу бегалците и мигрантите ќе ги усогласува со ЕУ и реципрочно ќе ги применува на јужната и на северна граница.




