„Време е меѓународната заедница да изврши силен притисок врз Грција за надминување на деценискиот спор и негово конечно решавање. Најголем проблем ако Македонија остане и понатаму надвор од формалните рамки на европските интеграции е можноста за развој на регресивни трендови“, рече на прес – конференција портпаролот на ДОМ, Тони Ристов.
– Ниту ние сами, ниту ЕУ не може да очекува од Македонија да има брзо приближување до европските стандарди ако се држи на дистанца и ако непрекинато добива стапови, а ниеден морков, смета Ристов.
ДОМ апелира до сите релевантни субјекти во Македонија и во меѓународната заедница да се сфати дека само силен притисок врз Грција може да го реши спорот, притоа почитувајќи ги меѓународното право, стандарди и принципи.
– Македонија и нејзините граѓани не заслужуваат неправда и казна. Македонија има јасен интерес да се реши спорот, Грција е таа која не сака решение. Македонија не може да го реши спорот со поставувањето на невозможниот услов од страна на Грција за име за севкупна употреба, истакна Ристов и потсети дека Македонија по петти пат од Европската комисија доби позитивен извештај за напредокот со препорака за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија.




