Доналд Туск, претседателот на Европскиот Совет е во посета на Македонија, како дел од неговата агенда за изнаоѓање начин за менаџирање и решавање на бегалската криза.
Во фокусот на разговорите на Туск со претседателот Иванов, се напорите за постигнување заедничко европско решение за бегалската криза, како и процесот на евроинтеграција на земјава, соопштија од кабинетот на шефот на државата.
„Би сакал да ја искористам оваа прилика да кажам дека Европската унија ја разбира тешката ситуација на властите во Скопје. Не можеме и не смееме да ги оставиме сами во оваа тешка ситуација. Нема добра алтернатива освен соработка со Турција преку која доаѓаат мнозинството мигранти“, изјави Туск.
Mакедонскиот претседател го реафирмираше ставот дека Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза.
„Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет и немаме никаков интерес целиот товар да падне само на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета. Воедно, Македонија ќе соработува со јужениот сосед за надминување на предизвиците од мигрантската криза“, истакна претседателот Иванов.
На средбата со Туск, претседателот Иванов рече дека се зголемуваат обидите за насилно влегување во Македонија, употребата на фалсификувани пасоши и документи на ФРОНТЕКС, како и насилството врз безбедносните сили на граничната линија, со што се доведува во прашање не само националната безбедност, туку и регионалната стабилност.
Иванов нагласи дека во случај на затворање на балканскиот мигрантски коридор, Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за хуман третман на мигрантите кои транзитираат, како и за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност.
По средбата со Иванов, Доналд Туск заминува за Атина.Посетата на Туск на земјите низ кои се протега западно-балканската мигрантска рута е во контекст на неодамнешната одлука на самитот на Европскиот совет за примена на шенгенскиот граничен кодекс.




