Истиот ден кога од фирмата за дијализа „Диамед“ биле префрлени 9 милиони евра во Монако, Ристе Новачевски, кумот на Никола Груевски од првиот брак, отворил сметка во Монако. Ова денеска на прес конфренција го потврди Ден Дончев, директор на ФЗОМ.
Тој посочи дека сите сознанија укажуваат дека зад фирмата Диамед каде што Вера Иванова се прикажува како сопственик , стојат токму Новачевски и Груевски, за што Обвинителството за организиран криминал води истрага.
„Почнавме да вршиме ревизија и дојдовме до сознанија дека е направен криминален тендер и злоупотреба на службена положба на одредени лица кои можеби се кријат зад тој што се прикажува за вистински сопственик . Сознанијата се дека зад фирмата се кријат Ристо Новачевски, кум на Груевски и брат на неговата лична секретарка и Груевски“, рече Дончев на денешната прес конференција.
Тој ги отфрли обвинувања од Вера Иванова и нејзиниот адвокат дека тој и министерот Филипче не дозволувале влез на шведската фирма Диаверум која ја купи „Диамед“. Тој презентираше документи и ја објасни хронологија од моментот кога на тендер била доделена концесијата на Диамед и на „Систина“ за кои вели дека држат монопол на дијализата во државата.
Дончев тврди дека Диамед и Систина имале ексклузивен договор спротивен на одредбите од ЕУ регулативата и на Европската повелба за права на пациентите за правото на избор.
„На овие две приватни фирми им се гарантира минимална цена од 90 евра по дијализен третман. Сетот за дијализа денес изнесува само 25 евра по третман, секако дека има и дополнителни трошоци. Двете фирми ја превземаат дијализата од јавното здравство и функционалната опрема за дијализа без никаков надоместок. Ги превземаат и постоечките пациенти за дијализа, доделени на двете фирми по градови“, рече Дончев.
Тој нагласи дека двете фирми добиле здравствен бизнис со минимално претходно искуство, минимални сопствени инвестиции, со гарантирани пациенти, со гарантирана цена и приход и огромен профит. Тогашното раководство на Министерство за здравство се согласило во случај на спор местото на арбитража да биде Париз, а доколку во случај, “од кои било причини” Министерството за здравство предвреме го раскине договорот, државата е обврзана да исплати казна од 28 милиони евра.
Наспроти огромниот профит, вели Дончев, единствена финансиска обврска на концесионерот „Диамед“ била да му плаќа месечен надоместок од 7500 денари, односно симболични 125 евра на Министерството за здравство.
„Диамед“ започна да работи од 1 февруари 2014 година, а до крајот на 2018 Фондот за здравство на оваа фирма исплатил вкупно 42.500.000 евра.
Поради како што рече криминалниот тендер за концесија и поради сомнителните трансакции, ФЗОМ и Министерство во ноември 2017 година, започнале да ги разгледуваат условите и околностите под кои била издадени концесиите за дијализа.
„Истовремено, имавме информација дека на Ристо Новачевски, кум на некогашниот Премиер Никола Груевски и воедно брат на неговата лична секретарка, „Диамед Македонија“ во периодот 2014 до 2017, му исплаќа вкупни износи од:
Плата од преку 10 милиони денари
Исплата на надоместоци околу 17 милиони денари
Разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари.
Преку картичка на „Диамед Македонија“, лицето подига 12 милиони денари, кеш пари од банкомат, рече Дончев.
Во ноември минатата година македонските власти по барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал ја блокираше сметката во Монако, а Вера Иванова за НОВА тврдеше дека таа е единствениот сопственик на Дијамед.
„Јас, Вера Иванова сум единствена, стопроцентна поранешна сопственичка на Диамед Македонија,компанија која од 01.11.2018 е превземена од Диаверум од Шведска. Ниту едно друго лице, освен мене, во ниту еден момент, немало никаков удел во сопственоста, нуту во основањето на Диамед Македонија. Вистинитоста на ова мое тврдење може да се провери на едноставен начин во Централниот регистер на Република Македонија“, тврдеше тогаш Иванова.
Според Дончев сопственичката структура на фирмата била следна:
Во „Диамед Македонија“, од нивниот почеток до април 2016 сопственици се Вера Иванова со 50 посто и Метромед ДОО со 50 насто. Сопственици на Метромед ДОО се повторно Вера Иванова со 50 посто и извесен Оливер Тодоров со 50 проценти. На самиот почеток „Диамед“ е 100 посто македонска фирма.
Во април 2016, кога започнува „Вистината за Македонија“ или објавувањето на „бомбите“, следи промена на сопственичката структура при што Вера Иванова префрлува 25% од нејзиниот удел за симболичен износ на компанијата „Смарт Холдинг Дубаи“. Сопственик на „Смарт Холдинг Дубаи“е „Генерал Солушонс Лимитед“и „Panama Trustee“ фирма која беше во скандалот„Panama papers“. До денеска не се знае кој е конечен сопственик на панамската фирма, рече Дончев.
Тој рече дека кога шведската фирма „Диаверум“ ги известиле дека сакаат да ја купат „Диамед“, им било кажано дека имаат намера да започнат истрага и ревизија околу начинот на кој е приватизирана дијализата, вклучувајќи ги меѓу другото и времетраењето на концесијата, цената и местото на арбитража.
По ова, шведската „Диаверум“ се повлекла од намерата да ја купи „Диамед“.
„Диамед Македониј“а продолжува да функционира нормално, но на 2 јули 2018, Метромед ДОО го префрлува својот удел од 50% на Вера Иванова. Така, таа станува 75-постотен сопственик на „Диамед“, а „Смарт Холдинг Дубаи“ останува со 25% сопственост. Конечно, на 18 август 2018 се врши уште едно префрлување на удел при што „Смарт Холдинг Дубаи“ се стекнува со 75% сопственост во „Диамед“, додека Вера Иванова останува со 25%.
Од денешен аспект, знаејќи дека за неполни 7 недели по последниот трансфер на удел, 100% од уделот на Диамед се продава на Диаверум Шведска за околу 12 милиони евра, се поставува прашањето зошто Вера Иванова ги има правено сите овие трансакции при промена на сопственоста. Дали за да се избегне данок на капитална или да се прикрие трагата на парите? Дали ова е направено со цел вистинските сопственици на Смарт Холдинг (Панамската фирма) да можат да дојдат до парите без да се остави трага во Македонија на кој точно припаѓаат тие пари“, праша Дончев.
Истрагата која се води во Основното Јавно Обвинителство треба да ги утврди вистинските мотиви за овие трансфери на удели.
И покрај во ноември минатата година „Диаверум“ повторно доаѓаат во Македонија и го известуваат Министерството за здравство и Премиерот дека имаат намера да ја купат Диамед Македонија и дека таа одлука е веќе донесена.
Во ноември 2018 година Централен регистер уредно врши трансфер на сопственоста на „Диамед“од Вера Иванова и „Смарт Холдинг Дубаи“ на “Диаверум“од Шведска. „Диаверум“ префрлила 2,5 милиони евра на сметка на Вера Иванова во банка во Северна Македонија и 9 милиони евра на сметка на банка во Монако.
„Државата добива потврда од Монако дека истиот ден кога се префрлени парите на сметката во Монако, Ристо Новачевски на свое име отвора банкарска сметка во истата банка во Монако.
Брзо потоа, по барање на државните институции 2.5 милиони евра на сметката на Вера Иванова во Скопје и 9 милиони на сметката во Монако се замрзнати бидејќи се водеше предистражна постапка“, рече Дончев.
Тој тврди дека немало обид од државата да се блокира влезот на „Диаверум- Шведска“ во Диамед, а компанија веќе десет месеци стопанисува со „Диамед- Македонија“.
Дончев рече дека до завршување на истрагата дијализа ќе работи со постоечката концесија на двете фирми, „Диаверум“ и „Ситина“ кои имаат идентитични договори за кои неколку пати нагласи дека се штетни за државата. Негираше дека се обидувал да внесе фирма од Албанија која би работела со дијализата во државата.