Непредвидени и дополнителни градежни работи при реконструкцијата на северната фасада на Министерството за правда и проектантски надзор врз активностите ќе чинат 27.744.788 денари или 450 илјади евра, јавува порталот Билд.
Mинистерството склучило три нови договори со италијанската компанија „Ламоне Мореда“ и со домашната „Неимар Инженеринг“ во функција на изведба на неокласицистичката фасада во склоп на владиниот проект „Скопје 2014“.
Вкупната инвестиција во овој градежен зафат се искачи на преку 3,3 милиони евра, ако се земе во предвид дека првично одвоената сума за италијанската компанија и за „Градежниот институт Македонија“ изнесуваше над 2,9 милиони евра.
Обврските од новите договори треба да се комплетираат во временски период од три месеци. Со нив треба целосно да се довршат замислените антички столбови на зградата на Министерството за правда, на чија фасада ќе биде поставен и ликот на римската божица на правдата и праведноста Јустиција. Овој административен објект е лоциран на улицата „Димитрие Чуповски“ во строгиот центар на Скопје.
Покрај фасадата на оваа зграда, предвидено е комплетно менување на постоечкиот надворешен изглед и на останатите објекти долж оваа улица.
Новата зграда на Кривичниот суд проголта уште 790 илјади евра
За дополнителни градежни активности за довршување на објектот на Кривичниот суд и за ентериерно опремување на просториите на идните судии ќе се потрошат 48.616.356 денари или околу 790 илјади евра, јавува порталот Билд.
Со двата последни договори склучени од Министерството за правда, вкупната инвестиција во ова здание од центарот на Скопје се искачи на 9.090.000 евра. Според податоците на Бирото за јавни набавки, првиот договор во вредност од 18.981.172 денари е потпишан со градежната компанија „Гранит“ од Скопје и истиот е со времетраење од два месеца, додека вториот за набавка на канцелариски мебел е склучен со фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Оваа зграда веќе неколку месеци се наоѓа во завршна фаза од изведбата, но истата официјално сe уште не е пуштена во употреба.

Покрај надминувањето на првично предвидената финансиска конструкција на објектот од 8,3 милиони евра, проблем се јавува и со доцнењето во делот на рокот за нејзино завршување. Иако беше ветено дека ќе се комплетира до крајот на 2011 година, вселувањето доцни повеќе од две години. На денот на поставување на камен – темелникот за ова здание беше најавено дека изведбените работи ќе се комплетираат во рок од 18 месеци. Објектот на Кривичниот суд е лоциран помеѓу новата катна гаража и комплексот судови во главниот град. Има 10 нивоа, со вкупна површина од 8.862 метри квадратни и во него ќе се сместат седум оддели на Кривичниот суд, ќе има 74 судски кабинети, 22 средни судници и две големи судници што ќе можат да примат по 100 и 200 лица.
Главен изведувач е „Гранит“ од Скопје, додека надзорот над работите и е доделен на „Геинг Кребс унд Кифер Интернешнл“. Проектната документација за оваа градба ја изработија „IRD Engineering“ и „Евро Консалтинг“.




