Државниот завод за статистика информираше дека попишувањето продолжува со посакуваниот интензитет и темпо. До вчера во 20 часот попишани се 308.551 лице. А, само вчера биле попишани 114.308 граѓани.
– Државниот завод за статистика ги известува граѓаните дека за сите дилеми и нејаснотии кои ги имаат во врска со процесот на попишување можат да се обратат во Бирото за Попис, на телефонските броеви кои се објавени на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk. Попишувачите кои го спроведуваат попишувањето на терен се овластени лица на Државниот завод за статистика кои се обучени за оваа активност и апелираме до населението да ги прими во своите домови со доверба и почит и да ги даде потребните податоци. Успешноста на оваа статистичка операција зависи од сите нас и е за сите нас!, соопштија од Државниот завод за статистика.