Околу 130 луѓе досега се спасени од бомбардираниот театар во јужниот пристанишен град на Украина Мариупол изјави украинскиот омбудсман за човекови права, додавајќи дека спасувачките активности се во тек, објави Ројтерс.
Народната правобранителка Људмила Денисова истакна дека сè уште нема информации за повеќе од 1.000 други луѓе за кои се верува дека се засолниле таму кога се случил нападот.
Украина вели дека театарот бил погоден од силен руски воздушен напад во средата, но Русија негираше дека го бомбардирала театарот или дека цели на цивили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе одржи говор пред јапонскиот Парламент на 23. март, објави денес јапонската јавна телевизија.
Зеленски денес рече дека разговарал со шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и оти Украина очекува да биде постигнат напредок во однос на нејзината апликација за пристапување во Европската Унија во наредните месеци.
Рускиот претседател Владимир Путин денес пред собир на преполн фудбалски стадионот ја оправда инвазијата на Украина, ветувајќи им на десетици илјади луѓе кои вееја руски знамиња дека ќе се постигнат сите цели на Кремљ, објави Ројтерс.