И покрај барањата на Чедомир Дамјановски, член на Комисијата за верификација на фактите, целосно да се отвори досието „Темел“ за да се обелодени целосната содржина на самото досие, мнозинството од неговите колеги не го подржале неговото барање и одлучиле само некои делови од „Темел“ да и бидат достапни на јавноста.
„Побарав да се објави целото досие за „Темел“, но тие инсистираа тоа да биде селективно. Во тоа досие еден од следените од страна на поранешната Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК) има изјавено „Ако треба ќе војуваме, само да ги отстраниме од власт комуњарите и Шиптарите“, изјави Дамјановски.
Во дел од досието „Темел“ објавено од Комисијата за лустрација, пишува дека Томислав Чокревски како министер за внатрешни работи, бил наредбодавател на следењето и прислушувањето на членовите на тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Управата за државна безбедност и контраразузнување ги следела претседателот на партијата Љубчо Георгиевски под псевдонимот „Мона Лиза“, потпретседателката на партијата, Доста Димовска под псевдоним „Дама“, Александар Флоровски како „Паун“, како и членот на Унијата на млади сили, Филип Петровски. Безбедносните служби ги следеле студентските протести против употребата на албанскиот јазик пред Собранието, опозициските митинзи и внатрешните случувања во ВМРО-ДПМНЕ.
Во информацијата на службите забележана е и средбата на Филип Петровски со член на бугарското ВМРО-СМС, Иљо Н. кој бил одговорен да ја научи Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ како да организира протести.
Според УБК, интерес за протестите имало од бугарската амбасада која организирала бугарска ТВ екипа да ги следи протестите. Пред митинг на опозицијата забележана била караница меѓу Зоран Петревски (Снајпер) и Владимир Змејковски, бидејќи Змејковски заговарал насилно влегување во Собранието, но планот бил откажан поради мала посетеност на протестите, пишувало во извештајот.




