Со ДУИ на власт може да се слави Денот на дрвото, но не и Денот на знамето. Вака опозициската ДПА денеска го критикуваше неприсуството на министрите и пратениците на ДУИ на парламентарна седница каде се поставуваа пратенички прашања, јавува Алсат-М.
Беким Ќоку од ДПА рече дека не е фер што функционерите на ДУИ имаат право да го прослават Денот на знамето, додека на голем број вработени во јавната администрација им се негира тоа право. Тој во знак на протест седум минути молкум стоеше на говорницата и не постави ниту едно прашање.
0Не случајно Денот на дрвото беше одложен за една недела и се приближи со Денот на знамето, само да ни каже дека со владејачката ДУИ вие можете да го славите Денот на дрвото, но никако Денот на националното знаме… Освен номиналниот престиж да се биде на врвот, овие потчинети суштества уживаат само со некои мали лични интереси, како што може да биде некој мал тендер, автомобил со возач, млада секретарка, можеби и некое роднинско вработување… Немам прашање, рече Ќоку.
Реагираше спикерот Вељаноски, но неговата интервенција предизвика реакција од ДПА.
-Како прво, не сте Вие тој кој треба да нè учи каде треба да зборуваме и каде да држиме прес-конференции, често пати ги мешате работите. Ние не сме ДУИ и научете еднаш за секогаш. А, како второ, каде се министрите на ДУИ на кои ние денеска треба да им поставиме прашања? И како трето, ние протестираме за големата измама што ја прави токму оваа банда и овие крадци, ДУИ, кои денеска лажат дека го слават 28 Ноември. Тоа е голема лага, бидејќи ако се слави 28 Ноември, тоа треба да го прославиме сите Албанци, реагираше Беким Фазлиу, ДПА.
По оваа полемика, Беким Фазлиу побара еден час пауза, поради како што рече, постојаното неупотребување на албански јазик во Собранието.




