Хомосексуалноста е болест, а вие ако сте во чекор со модата, одете, ама пазете кога одите мора да биде тоа строго покрај ѕид.
Ова се зборовите на пратеникот на СНСМ, Драгиша Милетиќ упатени кон пратеникот на ЛП, Ивон Величковски на денешната собраниска седница, каде се дискутираше за предлогот на владејачката коалиција, бракот да се дефинира во Уставот како заедница исклучиво помеѓу маж и жена, објавува МОФ.
Освен невкусните досетки, пратеникот Драгиша Милетиќ ги сподели и неговите размисли за европското геј лоби кое ја ставало Македонија во опасност.
„Во многу работи се согласувам со вас, но не се согласувам дека не сме во опасност кога е во прашање геј популацијата. Тие се изјаснија сами колку ги има, знаете колкав притисок врши Европа и што чекате да бидеме пата пата со нив. Ако една држава европска види дека е со Устав заштитен бракот, нема да имаме толкав проблем да вршат притисок на нас како што направија врз некои држави во Европа. Почнуваат да се пробиваат и да бараат да имаат свои права, и нема да застанат на тоа, има да одат на изедначување на бракот со маж и жена. За време на социјализмот тоа беше казнива категорија и тоа за мене беше исправно. Не е омраза, за мене тоа е болест, а вие одете си во корак со модата. Само пазете кога одите, мора да одите строго покрај ѕид“, рече пратеникот Милетиќ.
По ова излагање на претставникот на граѓаните следеше гласна смеа па дури и аплауз од одредени пратеници, по што на говорница повторно излезе пратеникот Величковски кој на Милетиќ му одговори:
„Еве ќе стојам вака и веројатно сум доволно заштитен од масата. Иако не се согласуваме за многу работи, очигледно не е проблем хомосексуалноста како сексуална определба, туку нејзината употреба во политиката“, рече Величковски.
Пратеникот на СДСМ, Игор Ивановски по настанувањето на ваквата атмосфера во народниот дом, побара пауза за како што рече „враќање во нормала на одредени пратеници“.




