Од 7.500 до 15 илјади евра казна за директорите на студентските домови кои ќе им доделат кревети на студенти кои не ги исполнуваат условите предвидени со закон.
Како што денеска информираше заменик-министерот за образование, Сафет Незири, при доделувањето на студентските кревети ќе има целосна транспаретност. Опозицијата обвини дека сместување се обезбедува само со партиска книшка и по наредба на функционери од владејачките партии.
Пратеникот од редовите на НСДП Горан Мисовски не ги поддржа измените, бидејќи како што рече, вакво законско решение е нереално, кога списоците се веќе заклучени во мај.
Листите на оние кои ќе добијат студентски кревет во домовите треба да бидат објавени деновиве.
Од 6400 слободни легла со новите измени 40 проценти ќе бидат наменети за ранливите категории.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека состојбата во студентските домови, сега со отворање на многу филијали на универзитети, ќе биде минато.
Измените во законот за студентски стандарди кој го регулира и сместувањето во студентските домови беа усвоени со мнозинство гласови од пратениците.




