Напаѓач вооружен со автоматска пушка уби тројца полицајци и член на приватно обезбедување пред зградата на француската амбасада во главниот град на Танзанија, Дар ес Салам, пред да биде убиен, соопшти денеска полицијата.

Нападот и жртвите ги потврди главниот полициски инспектор Симон Сиро во краткото видео објавено на информативниот портал „Милард Ајо“ во Танзанија, пренесува агенцијата Хина.

Уште шест лица се повредени во нападот, а мотивите засега се непознати, изјави полицискиот командант, Либератус Сабас.

Претседателката на Танзанија, Самија Сулуху Хасан испрати сочувство до семејствата на жртвите и рече дека е шокирана од убиството на полицајците и чуварот.